СП 2025 ВО ЗАБРЗАН И ВО БРЗ ШАХ
- Лидерки на женскиот забрзан и брз шах во Доха се Венјун, Жонгји, Горјачкина, Тингџие, Асаубајева, Лагно, Костењук, Конеру, Дронавали и Џинер
Женскиот шах, како и Отвореното првенство, има свои циклуси, приказни и ѕвезди. Доха (Катар) ќе собере годинава многу од нив под еден покрив. Шахистките што пристигнуваат во Доха за Светското првенство (од 25 до 30 декември) во забрзан и во брз шах го формираат горниот раб на пирамидата. Десетте шахистки со највисок рејтинг во женска конкуренција комбинираат искуство со светски титули, генијалност во блиц-шах и мешавина од веќе етаблирани шампионки и помлади ѕвезди. Лидерки на женскиот забрзан и брз шах во Доха се Ју Венјун, Тан Жонгји, Александра Горјачкина, Леи Тингџие, Бибисара Асаубајева, Катерина Лагно, Александра Костењук, Хампи Конеру, Харика Дронавали и Жу Џинер.
Во текот на изминатите неколку години, Светската шаховска федерација (ФИДЕ) го стави високо на агендата женскиот шах и ја прогласи 2022 година за Година на жената во шахот. Комисијата за женски шах сега отворено зборува за „зголемен интерес на жените за шахот“ и ја поставува својата мисија да ја направи играта „сакана и достапна“ за жените низ светот, пишува ФИДЕ. Сепак, во пошироката шаховска заедница преовладува мислењето дека треба да се направи повеќе за жените и девојките да играат шах. Жените сочинуваат само околу 11 проценти од членовите на ФИДЕ, според истражувачки труд од 2024 година за родот и шахот. Сепак, насоката е јасна, повеќе национални федерации испраќаат женски тимови. Пред 45. Шаховска олимпијада (ШО) во Будимпешта, девет земји првпат имаа женски селекции, првпат на ШО на шахистките што имаат мали деца им беше дадена поддршка да ги доведат своите деца и старател, за да не мора да бидат разделени за време на долгиот настан, наградните фондови, исто така, се зголемуваат, пишува ФИДЕ. СП 2025 во забрзан и во брз шах во Доха има вкупен фонд од еден милион евра, при што 300.000 се за турнирите за шахистки, поделени помеѓу забрзан и брз шах. За серијата гранпри-турнири за жени наградниот фонд се зголеми од 80.000 на 120.000 евра, а и главните награди по турнир се зголемија. Некои врвни настани, како што е „Норвешкиот шах“, сега организираат женски супертурнири со ист награден фонд како и отворениот.
Надвор од таблите, повеќе жени се видливи како креатори на содржини и јавни личности. Шахистки како Ана Крамлинг или сестрите Ботез покажуваат дека шаховската кариера денес не е само натпреварување туку и коментар и постојано емитување пред глобалната публика, пишува ФИДЕ. Анкета од 2024 година на елитни шахистки покажа дека 65 отсто веруваат дека еден ден жена ќе ја освои светската титула, а многумина го очекуваат тоа во следната деценија, пишува ФИДЕ. Г.И.
































