Германскиот канцелар Фридрих Мерц повторно ги повика лидерите на Европската Унија да постигнат договор за користење на руските државни средства замрзнати во Унијата за финансиска поддршка на Украина – предлог што се очекува да доминира на Самитот во Брисел подоцна оваа недела.
Мерц, во обраќање пред пратениците, ја нагласи потребата да се испрати „јасен сигнал до Русија“ дека продолжувањето на војната против Украина е бесмислено.
Германскиот канцелар е еден од главните поддржувачи на предлогот на Европската комисија за користење околу 210 милијарди евра (247,4 милијарди долари) руски средства, кои се под санкции на ЕУ, за обезбедување заеми за Украина, со цел земјата да може да продолжи да се брани во наредните две години, потсетува ДПА.
Сепак, Мерц претходно оваа недела оцени дека шансите лидерите на ЕУ да постигнат договор на утрешниот Самит се „педесет на педесет“, имајќи предвид дека Белгија – каде што се наоѓа најголемиот дел од средствата – се спротивставува на планот поради правни дилеми.
Вчера, германскиот лидер повторно се обиде да ги ублажи тие стравувања, наведувајќи дека предлогот на Комисијата, според кој Украина би ги враќала средствата од идните руски репарации, е целосно усогласен со меѓународното право и меѓународните обврски.
Мерц ја истакна важноста на претстојните разговори, оценувајќи дека одлуката е „од исклучително значење“.
– Ова прашање се однесува на ништо помалку од европската безбедност и суверенитет – рече тој.
Меѓу другите членки на ЕУ што сè уште треба да бидат убедени е и Италија. Италијанската премиерка Џорџа Мелони вчера предупреди на можни правни пречки за планот.
– Наоѓањето правно издржлив начин за користење на руските државни средства е сè, освен лесно – изјави таа пред италијанските пратеници.
Мелони нагласи дека ги поддржува напорите Русија да ги сноси трошоците за војната против Украина, започната во февруари 2022 година.
Таа додаде дека во принцип е отворена за плановите за користење на руските државни средства замрзнати во ЕУ, но само доколку правната рамка е цврста.
– Доколку правната основа за оваа иницијатива не е издржана, ќе ѝ дадеме на Русија прва вистинска победа од почетокот на овој конфликт – изјави италијанската премиерка.
За одобрување на плановите е потребно таканаречено квалификувано мнозинство – најмалку 15 од 27-те земји членки на ЕУ, кои претставуваат 65 проценти од населението на Унијата.

































