Фото: ЕПА
  • Техничките прописи за новата сезона ќе бидат целосно ревидирани, што ќе доведе до големи промени во погонската единица (повеќе потпирање на електрична енергија), шасијата и во правилата за аеродинамика, болидите ќе бидат помали и полесни, ќе се користат помали гуми, одржливо гориво…, пишува „Скај спорт“

Сезоната во Формула 1 (Ф1) во 2026 година повторно ќе има 24 трки, во календарот ќе има нова патека, уличната трка во Мадрид, Кадилак ќе се приклучи, па ќе има 11 тима првпат од 2016 година, а најголемата промена се регулативите, пишува „Скај спорт“. Ф1 идната година ќе има големи промени, бидејќи почнува нова ера на автомобили, техничките прописи ќе бидат целосно ревидирани, што ќе доведе до големи промени во погонската единица, шасијата и во правилата за аеродинамиката, а болидите ќе бидат многу различни, благо речено, пишува „Скај спорт“. Тимовите долго време работеа на своите автомобили за 2026 година, бидејќи прописите е предвидено да важат пет сезони. Мартин Брандл од „Скај спорт“ ги опиша новите прописи како „најголемите промени досега“ во спортот. Нема да има повеќе ДРС, наместо тоа ќе видиме подвижни крила и се очекува болидите да можат да се следат еден со друг поблиску, треба да има повеќе престигнувања…
Новите погонски единици во Формула 1 ќе се потпираат повеќе на електрична енергија, со поделба 50-50 помеѓу електричната енергија и моторот со внатрешно согорување, со зголемување на електричната енергија од речиси 300 проценти, а самиот мотор е истиот 1,6-литарски турбомотор В6 што се користи од 2014 година, но сите детали околу тоа се променија, пишува „Скај спорт“. Дополнително, автомобилите ќе имаат две состојби во секое време: З-режим и Икс-режим. З-режим значи дека предните и задните крила се затворени, што генерира поголем притисок за свиоците. Во Икс-режим возачите можат да ги отворат капаците, што ќе го намали отпорот и ќе ја зголеми брзината. Икс-режимот ќе биде дозволен само на одредени точки од патеката и веројатно ќе биде забранет во влажни услови, пишува „Скај спорт“.
– Икс-режимот е нашата терминологија за режим со низок отпор и тоа ви дава голема максимална брзина. Тоа е состојбата во која би се наоѓале кога сте на права линија или излегувате од свиок. Како што се приближувате до зоната на сопирање, потоа би се префрлиле во З-режим, каде што е потребен притисок за да се поминат сопирањето свиокот.

Значи, ги имаме овие два режима што би биле поставени во однос на зоните околу патеката, а возачите би можеле да се префрлаат помеѓу овие два режима кога е дозволено. Може да има спортски прописи, кои, на пример, спречуваат употреба во влажни услови, но во спротивно би очекувале возачите да имаат пристап до двата режима околу патеката за секој круг – рече шефот на аеродинамиката на ФИА, Џејсон Сомервил, пренесе „Скај спорт“.
Се очекува новите автомобили да бидат околу две секунди побавни од автомобилите за годинава, во зависност од карактеристиките на патеката, пишува „Скај спорт“.
– Зборуваме за времиња на кругови, генерално, кои се во регионот од една или две секунди пониски од она што сме сега, во зависност од патеката, во зависност од условите. Во почеток на циклус не би било добро да се биде побрз од претходниот циклус. Од регулаторна гледна точка, тоа нема да нѐ чини ништо, би било многу лесно да ги натераме болидите да возат побрзо. Но, мора постепено да се врати она што е стекнато со природен развој. Не можете да го почнете циклусот побрзо од претходниот – вели директорот на ФИА за едноседи, Николас Томбазис, пренесе „Скај спорт“.
Автомобилите за 2026 година ќе бидат 20 см пократки, 10 см потесни, тежината на автомобилот е намалена за 30 кг, на 768 кг, а „Пирели“ исто така ја намали широчината на гумите за 2,5 см на предните и за три см на задните гуми, иако дијаметарот ќе остане ист, пишува „Скај спорт“. Секој тим ќе користи 100 проценти одржливо гориво, бидејќи Ф1 продолжува да ја има својата цел да биде нето нула јаглерод до 2030 година, уште една област што би можела да биде диференцијатор на перформансите.
– Најголемиот предизвик е веројатно тоа што почнуваме од нула на сѐ, нови гуми, ново гориво, нов мотор, нова шасија, нови спортски прописи, сѐ ново. Тоа е доста предизвикувачки. Но, некако, тоа е и ДНК на нашиот спорт да има ваков предизвик – рече шефот на тимот на Ферари, Фредерик Васер, пренесе „Скај спорт“. Н.М.