Бугарската телекомуникациска компанија „Виваком“ ќе биде новиот сопственик на „Телеком Албанија“ (ТАЛ).
Според информациите, ТАЛ, кој е втор најголем оператор во Албанија и е во сопственост на „Дојче телеком“, е пред финализирање на договорот со „Виваком“, чиј главен акционер е Спас Русев.
„Виваком“ во моментов е најголема бугарска телекомуникациска компанија, која во 2017 година оствари приход од 455 милиони евра и профит од 165 милиони евра.
По Русев, втор позначаен акционер во „Виваком“ е албанскиот инвеститор Елвин Гури, кој последните 20 години живее во Бугарија. Гури, кој работел како банкар, е основач и директор на компанијата „Ривер Стикс“, која повеќе од 20 години инвестира во неколку држави во регионот, но и надвор од него.
Информациите за влез на „Виваком“ во ТАЛ за телевизијата Топ Чанел индиректно ги потврдил самиот Гури.
– Подолго размислував да инвестирам во Албанија. Бидејќи веќе 27 години сум надвор од земјата, сметам дека е морална обврска да најдам начини и средства да инвестирам во мојата земја. Денес, Албанија е мирна и привлечна дестинација за инвестиции, особено за некој како мене – изјавил Гури.
Одлука за продажба на „Телеком Албанија“ е донесена по намалената добивка поради малиот пазар, како и други проблеми поврзани со бизнис климата.
Со продажбата на компанијата постои опасност 400 вработени да останат без работа, поради што Синдикатот на вработените побара од Владата на премиерот Еди Рама да подготви стратегија за нивно вработување пред реализација на договорот за продажба.
За купување на ТАЛ зантересирана беше и компанијата „Телеком Србија“, која понуди 60 милони евра што беше најповолна понуда, но за албанската Влада таквата продажба не беше прифатлива поради „можните реакции од политичка природа“.
Ставот на Светска банка беше дека не гледа никаков ризик, доколку нов сопственик на „Телеком Албанија“ стане „Телеком Србија“. Според претставничката на Банката во Албанија, Хилда Шијаку, значајно е компанијата да ги следи правилата на пазарот.