Од први јануари почнува примената на Законот за работно ангажирање лица, кој ја регулира областа на сезонското ангажирање и се очекува да влијае на намалувањето на сивата економија, најавува заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески.
Ристески посочува дека во земјава за првпат се воведува ваков закон и дека опфатени ќе бидат студенти, пензионери, невработени, самовработени лица кои може дополнително да заработат, без да ги загубат бенефитите. Опфатени се областите: угостителство, земјоделство и услужни дејности.
– Законот за работно ангажирање лица или, популарно речено, за сезонски вработувања ќе почне да се применува од први јануари 2026 година. Овој закон е револуционерен и за првпат се носи во нашата држава. Со овој закон се овозможува вработување на невработени, вработени лица, на студенти, пензионери. Сите овие лица кои ќе бидат работно ангажирани нема да ги изгубат бенефитите: пенционерите нема да го загубат пензионерскиот статус, студентите- студентскиот, а невработените нема да ги загубат социјалните бенефити. Овој закон е од голема важност и овозможува овие лица да бидат работно ангажирани во три области: во земјоделството, угостителството и во услужните дејности – вели Ристески.
Се очекуваат големи придобивки од законот, а најмногу во намалувањето на сивата економија.
– Со Законот ќе се интензивира борбата со неформалната екномија, односно, работата „на црно“. Ќе има мобилна апликација со која сите работодавци кои ќе ги ангажираат овие лица ќе може во моментот да ги пријавуваат и да ги одјавуваат и, секако, со тоа ќе се овозможат дополнителни приноси за луѓето кои ќе сакаат дополнително да бидат ангажирани за подобрување на економската состојба и на други бенефити – вели Ристески.
Според законот, ангажирањето годишно може да биде од 120 до 180 дена, зависно од дејноста или максимамално до 15 дена во месецот.

































