• Локалитетот дневно го посетуваат по 40 илјади посетители, или годишно околу 11 милиони, оттука, без оглед на тоа кој ден или кој дел од денот ќе го одберете за посета, треба да знаете дека ќе има неверојатен метеж и дека ви е потребна вистинска вештина за да направите добри фотографии од платформата на која се пронајдени и презентирани војниците од легендарната Теракотна армија на првиот кинески император, Чин Ши Хуанг, кој имал визија и во задгробниот живот да продолжи да владее со своето царство

Таканаречен чувар на вечноста, некогашна престолнина на најстарите кинески царства, градот Сиан во кинеската покраина Шенси е еден од најстарите градови во кинеската историја и една од четирите стари престолнини на Кина затоа што бил главен град во времето на некои од најважните кинески династии, како Џоу, Чин, Хан, Суи и Танг. На територијата на оваа крајна точка на Патот на свилата се наоѓа едно од најголемите светски археолошки наоѓалишта во кои е откриена легендарната Теракотна војска, создадена за време на династијата Чин.
Градот, познат и како природно-историски „жив музеј под отворено небо“ со своите девет музеи од прв ранг, е симбол на речиси сите историски периоди на блескавата кинеска историја, култура и традиција. Во еден од нив може да се види неверојатното откритие на близу осум илјади теракотни војници и коњи, секој од нив специфичен по претставата на ликот и позата во која е претставен, дел целосно реставрирани, а дел во фаза на реконструкција, која е многу сложен процес што се одвива бавно затоа што фигурите се составуваат од илјадници фрагменти што се наоѓаат под земјата.
Процесот се врши на самото место каде што се наоѓаат ископините, во специјално направени кабини и простории за заштита и реставрација, во кои се одржува одредена температура во сите временски услови за да се осигури дека ќе бидат извадени од земјата во добра состојба. Локалитетот дневно го посетуваат по 40 илјади посетители, или годишно околу 11 милиони, оттука, без оглед на тоа кој ден или кој дел од денот ќе го одберете за посета, треба да знаете дека ќе има неверојатен метеж и дека ви е потребна вештина за да направите добри фотографии.

Едно од најимпресивните археолошки откритија во светот

Станува збор за едно од најимпресивните и најголеми археолошки откритија во светот, кое чека да биде прогласено за светско чудо, откако УНЕСКО во 1987 година го заштити и го стави на листата на Светското културно наследство. Теракотната армија е збирка од илјадници војници, коњи и кочии во природна големина, кои ја прикажуваат војската на првиот кинески император Чин Ши Хуанг од династијата Чин. Оваа војска датира од 246 година пр. н.е., а била откриена во 1974 година кога локалните фармери се обидувале да ископаат бунар источно од гробницата на императорот. Покрај импресивните статуи на војници, пронајдени се и околу 150 коњи, 130 кочии со коњи, како и различно оружје, како мечеви, копја, самострели, кои се дел од музејската збирка во истиот комплекс.
Кога првиот император од династијата Чин починал во 210 година пр. н.е., околу 700.000 луѓе учествувале во изградбата на неговиот мавзолеј, а внатрешноста требало да ја наслика земјата, вклучувајќи кули и палати, па дури и реки. До денес, голем дел од гробницата сè уште е мистерија и им го привлекува вниманието на научниците. Статуите ја претставуваат војската на императорот, кој, покрај моќта и успехот, бил познат и по стравот од смртта и злите духови. Затоа, војската била создадена за да го заштити и да го чува во задгробниот живот од злите духови. Статуите биле направени посебно, а потоа собрани. За нивните лица биле користени десет калапи, а потоа биле персонализирани со глина за да се разликуваат едни од други. За да се постигне зачудувачки реализам, керамичките фигури биле застаклени и обоени во разни бои, кои речиси целосно се исчезнати до денес, но реставраторите работат и на враќање на пигментацијата на скулптурите. Благодарение на археолозите и новите методи и техники за конзервација, тука секојдневно се откриваат нови информации за империјата, па оттука и нашиот музејски водич во своето објаснување го нарече локалитетот „болница за скршени војници“. Војниците се изложени на истата локација каде што се пронајдени и презентирани во истиот распоред и на ист начин како во третиот милениум пред нашата ера. И тоа е она што е фасцинантно кога ќе се најдете на платформата. Во првите редови се војниците од лесната пешадија, која носи заштита, потоа се војниците со оклоп и железни копја, а последна е коњаницата. Од страна се стрелците, а некои од нив се прикажани клекнати со едното колено на земја. Првично се сметало дека се работи за вкупно 5.000 фигури, но понатамошните ископувања покажале дека всушност има повеќе од 8.000 фигури. Нивните тела и екстремитети се направени во калапи, но секој лик е различен и претставува индивидуално вајарско дело. Просечната висина на овие фигури е 1,8 метар.

Осмото светско чудо!

Теракотната армија била откриена сосема случајно на 29 март 1974 година кога фармерот Јанг Жифа открил парчиња керамика додека копал бунар. Пронајденото парче керамика довело до неверојатно откритие на првиот војник од познатата осумилјадна армија.
Откривањето на теракотните војници на Чин Ши Хуанг, првиот император на Кина што ја обединил земјата, било целосно изненадување за светската археолошка јавност, затоа што претходно не постоеле историски записи за оваа подземна армија. Тие останале закопани под земја повеќе од 2.200 години. Ова само ја зголемува тајната, бидејќи сега е најголемата и најважна гробница во Кина.
Откако била откриена теракотната армија, повеќе од 2.000 војници и коњи првично биле ископани од три различни гробни јами. Можеби токму огромната големина на откритието придонела за мистеријата и го освоила светот, што придонело луѓето да почнат да ги нарекуваат воините осмото светско чудо!
Неверојатно е што ниту една фигура не е идентична, секој воин има уникатни црти на лицето и стил. Војниците од различни рангови биле закопани во бојна формација за да претставуваат вистинска армија и се поделени на пешадинци, стрелци, генерали, коњаници, кочијаши, офицери и почесни стражари – сите различни во изразот, облеката и фризурата. Тие биле дел од потрагата на првиот император по бесмртност, кој сакал да живее засекогаш. Тој потрошил огромни ресурси за изградба на величествено подземно царство, опремено со сè што би му било потребно за посмртниот живот. Имал палати, армија да го заштити, коњаници за патување, штали полни со коњи, забавувачи, музичари, акробати, водни птици… Покривајќи површина од 56 квадратни километри, тоа е најголемата гробница на Земјата.
Локалните занаетчии ги создавале војниците во работилници. Војниците имаат печат или име на нивните создавачи, вклучувајќи администратори, занаетчии и надзорници. Скулпторските детали како коса, црти на лицето и облека, биле додавани рачно пред фигурите да се сушат и конечно да се печат во огромна печка.’

Првобитно воините немале боја на теракота како што ја гледаме денес, туку биле насликани со светли бои. По печењето, секој теракотен војник бил покриен со лак пред да се нанесат различни светли пигменти на бои што укажувале на различни рангови. Може да се видат траги од боја на некои од скулптурите во изложбата во музејот. По сликањето на војниците, тие биле поставени во воена формација во рововите и биле вооружени со вистинско оружје од бронза. Повеќе од 40.000 оружја се пронајдени во делумно ископаните воински ровови, вклучително и мечови, копја и стрели. Последните истражувања покажале дека никогаш не биле користени во битка, туку биле произведени специјално за погребувањето во мавзолејот.
Најголемата мистерија сè уште треба да се открие. Гробот на првиот император никогаш не е отворен. Вистинскиот гроб на императорот Чин Ши Хуанг останува мистерија за археолозите и историчарите бидејќи сè уште е затворен. Направени се геофизички истражувања на могилата, но самиот мавзолеј не е ископан. Се опишува како гробница со палати и кули и многу ретки артефакти и богатства. Дополнително, двете големи реки на Кина, Јангце и Жолта Река, биле симулирани во гробот, а таванот на гробницата бил украсен со небесното созвездие. Од тука, Чин Ши Хуанг можел да продолжи да владее со своето царство дури и во задгробниот живот.

Весна Дамчевска, наша известувачка од Кина