ШАХ
- Претходниот рекорд беше 143.564 играчи, поставен на дуелот Карлсен против Светот
Дуелот со повеќе од 225.000 играчи на интернет-порталот „Чес“, кои дадоа вкупно 988.000 гласа, објавија 52.000 коментари на форумот и одиграа 41 потег, интернационалниот мајстор (ИМ) Леви Розман го доби со мат, меч со Светот, кој претставува и најголемата шаховска партија одиграна во живо досега. Во текот на натпреварот сите ученици даваа свое мислење за секој потег, а тој потег што ќе добиеше најмногу гласови беше и одигран против Розман.
– Го победив Светот со црни фигури, играјќи ја одбраната Каро-Кан и жртвувајќи го топот – рече Розман во своето видеорезиме, пишува „Чес“.
Розман, или познат како Готамчес, кој пред мечот изјави дека неговата цел е да „избегне срам и да прикаже солидна, респектабилна изведба“, додаде: „Супер горд сум на овој меч. Мислам дека потегот e5 е еден од најкул потезите што сум имал можност да ги играм подолго време“.
Заедничкиот натпревар „Гласај за шах“ почна на 30 септември и не помина долго време пред да стане јасно дека ќе влезе во историјата како најголема шаховска партија одиграна во живо. Два дена подоцна, партијата веќе го надмина претходниот рекорд од 143.564 противници, поставен од норвешкиот ВМ Магнус Карлсен против Светот. Само по 20 потези, партијата достигна 200.000 учесници. Конечниот вкупен број изнесуваше 225.054 играчи, што е нов светски рекорд.
Ова е третпат светскиот рекорд за најголема одиграна шаховска партија во живо да биде соборен на „Чес“. Розман, кој себеси се нарече „учител по шах на интернет“, е една од највлијателните личности во шаховскиот свет, благодарение на неговиот јутјуб-канал, кој има 6,7 милиони претплатници, пишува „Чес“. Г.И.


































