Фото: КФМ

КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2029

  • Ова е голема гостинска победа, рече селекторот Илиевски по триумфот на дуелот со Република Ирска со 88-76, по кој Македонија со максимални четири бода води во групата А на патот кон пласман во квалификациите за континенталното првенство во 2029 година

Машката кошаркарска репрезентација на Македонија ја забележа и втората победа во претквалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2029 година, што е и чекор поблиску до поставената цел. На гостински терен во Даблин е совладана Република Ирска со 88-76 (20-27, 22-13, 19-22, 27-14), во второто коло од групата А. Во вториот дуел од таа група, Луксембург на гости го совлада Азербејџан со 95-90, па сега Македонија води со четири бода, колку што има и Луксембург. Победникот на секоја од четирите групи и најдобрата второпласирана репрезентација ќе обезбедат играње во квалификациите за ЕП 2029.
– Честитки до играчите, бидејќи од една негатива и лош почеток се вративме во втората четвртина, дури и завршивме со два поена предност. Веќе од третата четвртина покажавме еден поинаков карактер, не дозволувавме разлика што се правеше претходно, а изразена со десетина поени. Имавме проблем со офанзивниот скок на Ирска во текот на целиот меч. Нѐ натскокаа и тие поени што беа од втора шанса, вкупно 20, направија ривалот да биде во таа минимална предност претходно. Ова е голема гостинска победа. Го сработивме она што го посакувавме и среќен сум и горд на играчите, од прв до последен. Не можеме отсега да зборуваме за некаква форма за во февруари, затоа што се собираме во краток временски период. Во која физичка подготовка ќе бидат играчите во своите клубови и колку тоа ќе може да го ставиме во функција тогаш, тоа е прашање на моментот. Луксембург во првиот меч одигра одлично против Ирците, а во последните минути се решаваше победникот. Тоа говори дека тие се со идентичен квалитет како овој ривал што го имавме сега. За нас најважно е здравствениот биланс да биде како што треба кога повторно ќе се собереме. Во овие денови се соочувавме со проблеми, односно неколку играчи имаа повреда, но пак го дадоа максимумот за Македонија. Со еден збор, се создава нешто што е позитивно. Да бидеш во колектив каде што никој не се штеди е прв показател дека се случува нешто позитивно – изјави селекторот на македонската репрезентација Марјан Илиевски.

Ирците доминираа во првата четвртина, која ја добија со седум поени разлика, но по првото полувреме, сепак, Македонија имаше предност од 42-40. Финишот им припадна на црвено-жолтите, кои со одлична одбрана ја добија четвртата четвртина со 13 поени разлика. Македонија шутот од игра ја служеше 46,15 отсто (Ирците 35,38 отсто), Македонија имаше 12 асистенции (Р. Ирска 10), осум изгубени топки (16), девет украдени топки (седум), 32 скока (49)…
– Ова е многу важна победа за нас. Мечот беше физички тежок, знаевме дека играме на гости, дека судиите малку ќе бидат на страната на домаќинот, а и публиката. Но, најважно е што останавме докрај како тим. Нашата хемија ни помогна и можам да кажам дека се боревме во текот на сите 40 минути. Имавме проблем со дефанзивниот скок, тоа нѐ стави во ситуацијата во која бевме во почетокот, но со некои детали дојдовме до многу важна победа. Ја завршивме работата речиси 99 отсто, но ни следуваат уште два меча во февруари. Задоволен сум како одигравме, особено што бевме заедно краток период и немавме време да се подготвиме во целост. Се надевам дека во февруари пак ќе бидеме комплетни. Ова беше уште еден чекор кон главната цел, а тоа се квалификациите за ЕП 2029 – рече Андреј Јакимовски.
Најефикасен кај Македонците беше Јакимовски со 26 поени (имаше и пет скока и четири асистенции), Џејкоб Вајли запиша 20 поени (девет скока и две асистенции), Адем Мекиќ додаде 12 поени (седум скока и четири асистенции), а капитенот Војдан Стојановски уште 11 поени (по еден скок и асистенција). Кај Ирците најпрецизен беше Самуел Алајџики со 26 коша (10 скока и една асистенција). Г.И.


Група А

Р Ирска – Македонија 76-88
Азербејџан – Луксембург 90-95

ТАБЕЛА
Македонија 2 2 0 175-125 4
Луксембург 2 2 0 184-167 4
Р. Ирска 2 0 2 153-177 2
Азербејџан 2 0 2 139-182 2
Идно коло (27.2.2026): Македонија – Луксембург, Р Ирска – Азербејџан.