Во прилепската болница „Борка Талески“ за првпат успешно е изведена сложена хируршка интервенција на ‘рбетниот столб, конкретно на лумбалниот сегмент. Ова претставува прва операција на ‘рбет изведена надвор од Скопје и Охрид, што претставува значаен чекор за прилепскиот регион.
– Операцијата беше изведена од д-р Игор Мерџановски, во координација со колегите од Клиниката за ТОАРЛИУЦ, тимот од Одделението за ортопедија и трауматологија при прилепската болница, како и анестезиолозите д-р Маргарита Пирганоска и д-р Александар Димитровски. Интервенцијата помина успешно, уредно и без компликации – информираа од болницата.
Со дисперзијата на здравствените услуги од терциерно кон секундарно ниво, велат надлежните, се зајакнува децентрализацијата и се враќа довербата во здравствениот систем.
– Овој значаен потег овозможува пациентите да ја добијат потребната нега во својата матична установа, со што се намалува времето на чекање во другите болници и се редуцираат финансиските трошоци и товарот за пациентите. Нашата визија е ваквите интервенции да станат редовна и стандардизирана практика во прилепското Одделение за ортопедија и трауматологија. Со тоа не само што ги растеретуваме клиниките во Скопје, туку и активно придонесуваме кон развојот на регионалните центри и поголема достапност на квалитетни здравствени услуги за сите граѓани – истакнуваат од болницата.
Ка.М.





































