КАРАТЕ – ТУРНИР „ГРАНПРИ СКОПЈЕ“
- Кај јуниорите триумфираа Кенза Фетаи од КК Шогун и Дарин Куртановиќ од КК Кеикс, а кај кадетите Алеа Келменди од КК Фуше (Косово) и Иса Елмази од КК Фати
Стефан Стојановиќ победи во апсолутна конкуренција на меѓународниот карате-турнир „Гранд при Скопје“, посветен на прерано починатиот Игор Лазарев, истакнат карате-судија со највисока светска лиценца, човек што остави длабока трага во македонското карате и во спортската заедница. Кај јуниорите триумфираа Кенза Фетаи од КК Шогун и Дарин Куртановиќ од КК Кеикс, а кај кадетите Алеа Келменди од КК Фуше (Косово) и Иса Елмази од КК Фати.
Македонските каратисти освоија вкупно 195 медали (51 златен, 53 сребрени и 91 бронзен), а најуспешен македонски клуб е Штип со 13 медали (седум златни, пет сребрени и еден бронзен), со што е втор во вкупниот пласман. Турнирот се одржа во спортската сала на ООУ „Антон Димитров“ во населбата Бутел, во организација на КК Цветан Димов.
На турнирот, кој свечено го прогласи за отворен министерот за спорт Борко Ристовски, настапија 523 каратисти од 67 клуба, од 15 држави, а Македонија ја претставуваа 378 каратисти. Тоа е уште една потврда за високото реноме што го има турнирот, традицијата што ја негува КК Цветан Димов и за популарноста на карате-спортот во Македонија. Г.И.


































