• На 18 септември 2014 година, Ахмед, придружуван од својот тим за поддршка од 30 разновидни експерти за нуркање, техничари и лекари, се спушти на длабочина од 332,35 метри во Дахаб на Црвено Море

По иницијатива на Симона Трповска од Охрид, која ги држи македонскиот и балканскиот рекорд за жени, денес во посета на нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид беше светскиот рекордер во длабинско нуркање Ахмед Габр од Египет.
Ахмед Габр е 42-годишен поранешен офицер во египетската армија. Својата кариера ја продолжува во американската армија каде што го завршува курсот за борбени нуркачи и станува единствен сертифициран американски борбен нуркач на Блискиот Исток.
Ја започнал својата кариера како нуркач на 18-годишна возраст, нуркајќи за задоволство, а подоцна решил да се стекне со обука за инструктор за нуркање. Во текот на годините како нуркач, тој нуркал и за работа и за задоволство, додека постојано ги градел и ги развивал своите ментални и физички способности.
На 18 септември 2014 година, Ахмед, придружуван од својот тим за поддршка од 30 разновидни експерти за нуркање, техничари и лекари, се спушти на длабочина од 332,35 метри во Дахаб на Црвено Море.


Вистинското времетраење на нуркањето беше 13 часа и 50 минути, Ахмед се спушти за точно 14 минути и тогаш стигна до ознаката од 335 метри (но поради водните струи што го поместија јажето малку настрана, судиите одлучија да смалат на длабочината за 2,65 метри, со што го постигнаа рекордот од 332,35 метри).
Изнуркувањето траеше 13 часа и 36 минути.
Само за последните 27 метри му требаа седум часа за да стигне до површината.
Ахмед за да го направи тој подвиг користеше тримикс (трокомпонентна мешавина на азот, хелиум и кислород).
Ахмед Габр сруши два светски рекорда во најдлабоко нуркање (машки) и најдлабоко нуркање во море.