ФУДБАЛ
Ждрепката идната недела за Светското првенство (СП) во 2026 година ќе ги раздели четирите највисокорангирани репрезентации на ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Шпанија, Аргентина, Франција и Англија, кои ќе бидат сместени во посебни делови на патот кон финалето, со носители во тениски стил, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Извлекувањето на групите за првото фудбалско Светско првенство со 48 репрезентации е закажано за 5 декември во Вашингтон (САД).
Светската фудбалска федерација соопшти дека првите четири репрезентации на најновата ранг-листа, доколку ги освојат првите места во нивните соодветни групи на СП 2026, ќе се избегнат едни со други до полуфиналето на турнирот в година, што ќе се игра во САД, Канада и во Мексико.
Европскиот првак Шпанија и актуелниот светски шампион Аргентина, кои се на врвот на листата на ФИФА, нема да се сретнат до финалето во Њу Џерси. Истото тоа важи и за репрезентациите на Франција и на Англија.
– За да се обезбеди конкурентска рамнотежа, при подготвувањето на распоредот на натпреварите се утврдени два одделни патишта до полуфиналето. За да се има избалансирана распределба на репрезентациите, четирите највисокорангирани селекции на светската ранг-листа на ФИФА, кога ќе бидат извлечени, ќе ги имаат следниве ограничувања: највисокорангираната репрезентација (Шпанија) и второпласираната селекција (Аргентина) ќе бидат извлечени во спротивни патеки, а истиот принцип ќе важи и за третата (Франција) и за четвртата (Англија) селекција на ранг-листата. Ова ќе осигури дека, доколку бидат на првото место во своите групи, двете највисокорангирани селекции нема да се сретнат пред финалето – пишува ФИФА на својата интернет-страница
На претходните светски првенства, патот на репрезентациите во и низ нокаут-фазата се одредуваше според тоа во која група беа извлечени, пишува АП.
Досега на СП 2026 се пласираа 42 селекции. Преостанатите шест места ќе бидат пополнети во март в година, за кога се закажани европските и глобалните плејоф-натпревари, а сите тие репрезентации ќе влезат во ждрепката од четвртиот барабан.
Македонија ќе игра во европскиот плејоф, во патеката Д, и во полуфиналето ќе игра на гости со Данска, а победникот од таа средба во мечот за пласман на планетарниот шампионат ќе гостува кај победникот на средбата Чешка – Република Ирска.
Ждрепката ќе го одреди и распоредот на натпреварите со распоредување на екипите во 12-те групи, во кои ќе има по четири селекции. Европа ќе има вкупно 16 претставници на Мундијалот в година и според правилата може најмногу две да бидат извлечени во иста група. Преостанатите 32 репрезентации на турнирот не можат да бидат извлечени во група со селекција од истиот континент, пишува АП.
Трите домаќини на СП 2026 се меѓу 12-те носители на ждрепката, заедно со Шпанија, Аргентина, Франција, Англија, Бразил, Португалија, Холандија, Белгија и Германија. Н.М.
БАРАБАНИ ЗА ЖДРЕПКАТА ЗА СП 2026
1 Шпанија, Аргентина, Франција, Англија, Бразил, Португалија, Холандија, Белгија, Германија, САД, Мексико, Канада
2 Хрватска, Мароко, Колумбија, Уругвај, Швајцарија, Јапонија, Сенегал, Иран, Јужна Кореја, Еквадор, Австрија, Австралија
3 Норвешка, Панама, Египет, Алжир, Шкотска, Парагвај, Тунис, Брегот на Слоновата Коска, Узбекистан, Катар, Саудиска Арабија, Јужна Африка
4 Јордан, Зелено’ртска Република, Гана, Курасао, Хаити, Нов Зеланд, победниците на четирите европски плејоф-меча и победниците на двете финалиња на интерконтиненталниот плејоф

































