Како Влада, силно веруваме дека економијата расте тогаш кога граѓаните имаат поддршка да создаваат, да иновираат и да стануваат претприемачи, затоа мерката за самовработување, како дел од Оперативниот план, е една од најатрактивните и најуспешните програми во државата. Оваа година го имаме најголемиот интерес досега – стигнаа вкупно нешто повеќе од 6.000 апликации, што е силен индикатор дека граѓаните имаат желба, знаење и самодоверба да изградат сопствен бизнис, а државата им стои зад грб со конкретна и рекордна финансиска поддршка, истакна премиерот Христијан Мицкоски денеска на прс-конференцијата по доделувањето на решенија за самовработување како дел од Оперативниот план за вработување..
До овој момент, како што посочи, издадени се 2.916 ваучери за изработка на бизнис план, а оценети се 2.681, при што 1.140 се за млади до 29 години, 912 за лица над 29 години, а 629 за правни субјекти регистрирани како друштва со ограничена одговорност. Во моментот 2.545 лица веќе се во процес на потпишување договори за грант, по што ќе следи дводневната обука што им помага посигурно да тргнат во претприемачките води.
– Од вкупно 6.045 апликации, 3.296 се од млади лица под 29 години, што посебно радува. Финансиската поддршка е значително зголемена: 7.000 евра за лица над 29 години или 14.000 евра ако се здружат во ДОО, и 10.000 евра за млади до 29 години или 20.000 евра ако се здружат во ДОО. Ова не се само бројки – ова се нови бизниси што ќе отворат нови занаетчиски работилници, ИТ-стартапи, услуги, производствени мали фирми, нови можности за развој и зајакнување на целата економија. Мерката за самовработување е дел од Оперативниот план за 2025 година кој тежи над 2,5 милијарди денари или 40 милиони евра, што е за 7,5 милиони повеќе од минатата година и претставува рекорден износ на поддршка. Со овој план во 2025 ќе бидат опфатени 16.507 лица – најголем опфат досега, што е јасен доказ дека државата инвестира во најголемата сила што ја има, а тоа се граѓаните – рече Мицкоски.
Поради огромниот интерес, Министерството за економија и труд заедно со Агенцијата за вработување предложија ревизија на Планот, при што се прераспределија дополнителни 300 милиони денари. Со тоа се додадени уште 161 милион денари обезбедени преку ребалансот на Буџетот, само со една цел: ниту еден потенцијален претприемач да не остане без шанса.
– Оваа мерка е истовремено и силен инструмент во нашата стратешка борба против невработеноста. Наместо пасивни мерки и чекање на пригодни околности, ние ја менуваме филозофијата – од држава која само обезбедува социјална поддршка, се претвораме во држава која создава можности, охрабрува личен напредок, поттикнува храброст и им дава на луѓето алатки за да станат самостојни. Самовработувањето создава работни места таму каде што нема големи фабрики, отвора перспективи во руралните средини, ги активира младите, ги зајакнува жените претприемачи и им овозможува на секој со добра идеја да ја претвори во успешна економска приказна. Денес не потпишуваме само договори – денес потпишуваме нова енергија во економијата, нови работни места, нови успешни приказни. Претприемачите, се двигатели на економскиот развој, а нашата задача како Влада е да ги отвориме вратите, да ја дадеме поддршката и да создадеме фер, стабилна и мотивирачка економска средина. Честитам на храброста и посакувам успех и уверувам – државата стои зад секој еден чекор којшто го прават претприемачите – истакна премиерот Мицкоски.

































