ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ, 5. КОЛО

  • Во петтото коло се игра мечот помеѓу водечките во ЛШ и првопласирани во првенствата на Англија и на Германија, Арсенал и Баерн, како и уште неколку средби помеѓу тимови што се меѓу првите четири на табелите во најсилните пет европски домашни првенства, Челси – Барселона, Борусија Д. – Вилјареал, Манчестер С. – Баер, Атлетико М. – Интер…

Петтото коло во фудбалската Лига на шампионите ќе донесе и дерби за врвот помеѓу водечките два тима по првите четири кола, кога првопласираниот Баерн ќе му гостува на второпласираниот Арсенал, утре. Тоа ќе биде дуел на водечките тимови во првенствата на Германија и на Англија, меч помеѓу најефикасниот тим во ЛШ сезонава, Баерн (тимот од Минхен и Пари сен Жермен постигнаа по 14 гола) и единствената екипа што досега не прими гол во ЛШ сезонава, Арсенал. Во ова коло на програмата се и други натпревари помеѓу тимови што се меѓу првите четири на табелите во најсилните пет европски домашни првенства, па, така, на пример играат Челси – Барселона, Борусија Д. – Вилјареал, Манчестер С. – Баер, Атлетико М. – Интер… По четири кола во ЛШ, со по максимални 12 бода се Баерн, Арсенал и Интер.
ЛШ, петто коло, денеска: Ајакс – Бенфика, Галатасарај – Унион СЖ (двете од 18.45 часот), Борусија Дортмунд – Вилјареал, Челси – Барселона, Бодо/Глимт – Јувентус, Манчестер сити – Баер, Марсеј – Њукасл, Славија – Атлетик Билбао и Наполи – Карабах (сите од 21 часот). Утре играат: Копенхаген – Каират, Пафос – Монако (двете од 18.45 часот), Арсенал – Баерн, Атлетико Мадрид – Интер, Ајнтрахт – Аталанта, Ливерпул – ПСВ Ајндховен, Олимпијакос – Реал Мадрид, Пари сен Жермен – Тотенхем и Спортинг – Клуб Бриж (сите од 21 часот). Н.М.