Венецуелскиот лидер Николас Мадуро изјави дека е подготвен да одржи разговори лице в лице со претставници на администрацијата на Трамп, бидејќи притисокот на САД врз него расте. Мадуро го даде коментарот неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не ја исклучил можноста за распоредување копнени сили во јужноамериканската земја.
Администрацијата на Трамп го обвини Мадуро, чиј реизбор минатата година беше отфрлен како наместен од многу земји – дека е лидер на наркокартел. Мадуро ги негираше обвинувањата и возврати со тврдења дека САД се обидуваат да поттикнат војна за да добијат контрола врз нафтените резерви на Венецуела.
Откако Трамп положи заклетва за втор мандат во јануари, американската влада го зголемува притисокот врз Мадуро. Ја зголеми наградата што ја нуди за информации што би довеле до негово апсење на 50 милиони долари (претходно беа 38 милиони), а во август започна операција против трговија со дрога насочена кон бродови за кои смета оти транспортираат наркотици од Венецуела до САД.
Повеќе од 80 луѓе се убиени во американските напади врз сомнителни бродови оттогаш, повеќето од нив во Карибите, како и некои во Пацификот. Според американскиот секретар за војна, Пит Хегсет, целта на операцијата „Јужно копје“ е да се отстранат „наркотерористите“ од западната хемисфера. Но правните експерти ја доведоа во прашање легалноста на нападите, истакнувајќи дека САД не дале докази дека бродовите превезувале дрога.
Обемноста на распоредувањето на американската војска – која го вклучува најголемиот носач на авиони на американската морнарица, „УСС Џералд Форд“, исто така доведе до шпекулации и во Венецуела дека нивна вистинска цел е да го отстранат Мадуро од власт.
Трамп постојано беше прашуван од новинари за планот на неговата влада и даваше навидум контрадикторни одговори. На прашањето од американскиот радиодифузер „Си-би-ес“ на 3 ноември дали САД ќе војуваат со Венецуела, Трамп рече: „Не мислам така“. Но, во неделата, кога беше прашан дали би ја исклучил можноста за американски трупи на терен во Венецуела, тој одговори: „Не, не го исклучувам тоа, не исклучувам ништо“.
Во неколку од неговите неодамнешни јавни настапи, Мадуро му се обрати директно на американскиот народ, дури и зборувајќи, а еднаш и пеејќи – на англиски јазик. Во понеделникот, тој изјави: „Дијалог, повик, да, мир, да, војна, не, никогаш, никогаш војна“ и нагласи дека е подготвен да разговара „лице в лице“ со секој во САД „што сака да разговара со Венецуела“.
Минатите обиди на разни страни за преговори со претставници на владата на Мадуро не успеаја. Разговорите меѓу венецуелската опозиција и владата на Мадуро, посредувани од Норвешка и одржани на Барбадос, пропаднаа, како и претходниот обид поддржан од Ватикан за наоѓање излез од политичката криза во Венецуела.
Додека САД го зголемуваат притисокот врз Мадуро, лидерката на венецуелската опозиција и добитничка на Нобелова награда за мир, Марија Корина Мачадо, се обидува да ја охрабри венецуелската војска да ја откаже лојалноста и да се сврти против Мадуро. Јавувајќи се од непозната локација во Венецуела, каде што се крие за да избегне апсење, Мачадо долго време ја критикува владата на Мадуро и ги повика Венецуелците да се обединат за да ја соборат. Во вторникот, таа објави таканаречен „манифест за слобода“ на социјалните мрежи, во кој ја изложи својата визија за Венецуела по Мадуро.


































