- Ако останеме само на првата фаза од проблемот – собирање, тогаш сме како најпрвичното општество во палеолитот – „собирачи“. Тогаш, ѓубрето ќе се кумулира во депониите и тие еднаш ќе „декомпензираат“ (како што декомпензира оптоварено срце) и ќе се врати „цунамито“. Внимание: има два ентитета што треба да ги активираме – образование и економија. Образованието ни служи за некој основен маниризам – културно фрлање и колективизам – колективна грижа за здравјето. Второто, економијата, е од проблем да направиш корист. Користа може да биде колективна (бенефиција) и лична (профит)
Насловот кажува дека некои работи немаат крај. Инаку, спроти куќата гледам купче луѓе собрани, шепотат и ме гледаат. Прислушнав и велат: „Ете го оној дедоно, пак нешто ќе притапи за ѓубрето, воздухот, медицината, мафијата… сенешто го чеша…“ Си поминувам, што да правам. Добро де, за ѓубрето го средија тата-мата. Браво. За три дена – нема ридови отпади, реа, глувци, нема палења, чад (барем не од депониите), нема отрови во воздухот… сега нема што да критикуваме. Ама по малку ѓубренце се наоѓа – а без ич? Си одам накај град, а живеам многу блиску до претседателската палата, и во близината, оп, купче ќеси покрај кантата. Зошто не собираат? Тука некогаш живееше Лазар Колишевски, го помнат како диктатор, демек селата ги направил фабрики, ги подзатворил бугаролавинг-„патриотите“ што им шепнале на бугарските и германските нацисти кого да свиткаат, потоа и козите ги потамани демек ги ништат шумите. Така прочитал кај другарот Маркс. Сега „работничката класа“ со ѓубре ѝ се одмаздува на „црвената буржоазија“, која од феудализам направи „диктатура на пролетаријатот“, а по либеродемократијата од пролетерите направи Палестинци.
Ајде пак за ѓубрето. Гледам по пат – догорчиња. Почнав да ги бројам и откај „Американката“ до пред Клиничкиот центар изброив до сто и ми здодеа. Добро де, догорчињата не се ѓубре. Тук-таму фрлени хартичиња, па да не биде стереотипија. На тревниците и под грмушките има малку ѓубренце, колку да не остане „непокриен простор“. Ама лисјата останале! Купишта лисја. Чистачите не чистат лисја. Не се во нивниот опис и попис. Добро де, аман! Лисјата не се ѓубре, тие се природа, еколошки феномен. Се сеќавате на шансоната „Есенски лисја“ со Едит Пјаф и Ив Монтан? Поетите ги сакаат лисјата во нивните инспиративни изливи, па значи ние и понатаму остануваме со поетски дух. Каде што има зелен лист таму е Бог, а ние сме – само негови. Во куќата на Лазо сега живее амбасадор на… демек и тој е ехо на „црвената буржоазија“, па нека има кал пред неговата куќа, а и кучињата ги шетаат овде и тие оставаат „чаршафи“ (рековме како се вика чаршаф на англиски минатиот пат). Додуша „чаршафи“ има по должината на цела Водњанска, белки здраво е. Во Индија има една секта што се рани со „чаршафи“ за да живеат 100 или 200 години. Аааа, па Индија е сега светска сила, значи и ние ќе станеме светска сила. Одам подолу од другарот Лазо и, оп, повторно купишта ѓубре… Е па, „црвена буржоазијо, удави се во ѓубре…“ Слегувам надолу, ја поминувам американската резиденција, сѐ е чисто – чисто и одеднаш од десната страна ритче од ќеси и ѓубре, а по патот надолу накај училиштето „Кочо Рацин“ – лисја, лисја, чиста екологија. Подолу по Водњанска, спроти Клиниката за ТБЦ, опаааа – депонија, рушевина исполнета со ѓубре, малку затскриена со мрежа. Ама, батковци, мрежата нема да ги спречи глувците да се собираат! Овде веќе не е „црвената буржоазија“, кого казнуваат? И така стигнувам до Клиничкиот центар – ах, мој Клинички, душата моја, над 40 години бев таму. Влегувам – чисто, па чисто, браво и, опаааа, десно на патот за Кардиологија неколку контејнери полни и преполни, па почнува и да се истура. Аман, бе луѓе, во Клиничкиот центар треба секој ден да се празнат контејнерите и кантите, инаку… „пак баба не јала, пак баба не пила“. А канализацијата што се празни кај Детската клиника и Хематологија – си стои, стои… А што има да ја средат кога ќе прават нов клинички центар? И кога ќе го направат? Кога баба ми ќе вози „мерцедес“, т.е. кога ќе се врати од Треблинка.
Нешто друго сега. Ако останеме само на првата фаза од проблемот – собирање, тогаш сме како најпрвичното општество во палеолитот – „собирачи“. Тогаш, ѓубрето ќе се кумулира во депониите и тие еднаш ќе „декомпензираат“ (како што декомпензира оптоварено срце) и ќе се врати „цунамито“. Внимание: има два ентитета што треба да ги активираме – образование и економија. Образованието ни служи за некој основен маниризам – културно фрлање и колективизам – колективна грижа за здравјето. Второто, економијата, е од проблем да направиш корист. Користа може да биде колективна (бенефиција) и лична (профит). Да се присетиме на економската теорија на нобеловецот Васили Леонтиев – „инпут-аутпут“.
Инпутот е сума на вложувања (инвестиции, жртви, свесни загуби), а аутпутот е сума на бенефиции. Аутпутот треба да е поголем од инпутот. Сето тоа се решава математички и со учење, сега – вештачка интелигенција. Постојат роботи што од купишта ѓубре прават селекција и го упатуваат на специјални индустриски линии, кои сумарно носат бенефиција или профит. Без тоа – ѓубрето ќе биде загуба, плус болест. Инпутот т.е. создавањето ѓубре не може да се намали. Само чистење – бара повторно чистење и повторно чистење и во неорганизираност се создава „замор“. Инпутот доаѓа и доаѓа. Креација на ѓубрето е континуиран инпут, а кампањско чистење е дисконтинуираност. Инпутот на ѓубре е нелинеарна величина (логаритамски раст), а чистењето е линеарна. Значи, да не паднеме во тие стапици. Тогаш: 1) прво да спроведеме континуирано (секојдневно) чистење и носење и 2) аутпут со три можности – горење, закопување и индустријализација (селекција, рециклирање, енергија итн.). Тоа не треба да биде „иднина“ туку да се прави сега, денес.
Еден совет од старецот: кога ќе земеш еден пат, не застанувај. Застани и сонот исчезнува. Ете, за крај се сетив на приказната за зајакот и желката. Зајакот е чистачката група, а желката е ѓубрето. Зајакот се стрча како стрела и пред целта си рече „го збришав ѓубрето, ај сега да си легнам“. А желката полека, полека, го претекна зајакот и си дојде (повторно) до скопските улици.
Проф. д-р Самуел Колономос Садикарио


































