Фото: ЕПА

Распоредот на натпреварите за Летните олимписки игри (ЛОИ) во Лос Анџелес во 2028 година потврдува дека првпат во историјата атлетиката ќе го опфати целиот олимписки период, почнувајќи од првиот ден и продолжувајќи до последниот ден од Игрите, пишува Светската атлетика (СА). Атлетското натпреварување ќе почне на 15 јули 2028 година, а трката на 100 метри за атлетичарки ќе биде во центарот на вниманието на првиот ден од олимписките активности. Финалето на 10.000 метри за мажи и фрлање ѓуле за жени, исто така, ќе биде дел од отворањето, по што ќе следува финалето на 100 метри за мажи на вториот ден. Вкупно, атлетиката ќе се одржува во текот на 13 дена, од 15 до 30 јули 2028 година. Натпреварите на стадионот во Лос Анџелес ќе се одржуваат првите 10 дена (од 15 до 24 јули), пред фокусот да се префрли на друмските настани на 27, 29 и на 30 јули, кулминирајќи со машкиот маратон на последниот ден, со доделување медали за време на церемонијата на затворање на ЛОИ, пишува СА.
ЛОИ во Лос Анџелес ќе се одржат од 14 до 30 јули 2028 година, со повеќе од 10.000 спортисти од околу 200 земји, кои ќе се натпреваруваат во 35 спорта, а ова ќе биде третпат Лос Анџелес да биде домаќин на ЛОИ, по 1932 и 1984 година, пишува СА. Н.М.