Фото: „Нова Македонија“

Железничката линиска инфраструктура во фокусот на јавноста:

  • Инфраструктурата е еден од клучните фактори за развој на државата и на поширокиот регион. Таму каде што има добра инфраструктура, државите, регионите, локалната заедница, градовите… живеат и работат. Инфраструктурата го прави фундаментот, всушност крвотокот за економски и социјален развој. Таа се состои од таканаречена линиска инфраструктура (патишта, железници, водови на електрична енергија, гасоводи, нафтоводи, водоводни инсталации, одводи, иригациски и канализациски мрежи итн.), но инфраструктурата опфаќа и друг вид објекти, инсталации, постројки итн. што се неопходни за општествен раст и развој, како што се училишта, болници, спортски објекти, паркови, осветлување итн. Овој пат ќе се осврнеме на линиската инфраструктура, поточно само на еден аспект од неа – на железницата, и тоа во делот на железничкото поврзување на клучните коридори 8 и 10, кои се вкрстуваат во нашата земја…

Комплетирањето на железничкото поврзување со соседите на исток и на запад, но и обновата на постојната железничка линија по должината на коридорот 10, е еден од тежишните интереси на јавноста кога станува збор за инфраструктурата.
Добро е што тие навистина сега се искачија на највисокото скалило на приоритетите на Владата. Во тој контекст, по потпишувањето на договорот со соседна Бугарија за изградба на заеднички тунел за поврзување на железницата, од Владата за „Нова Македонија“ откриваат до каде се активностите на терен.
– Завршени се изградбата и реконструкцијата на пругата на делницата Куманово–Бељаковце, во должина 30,8 километри и вредност од 40,5 милиони евра. Во тек е изградба на нова и реконструкција на постојната делница Бељаковце–Крива Паланка, во должина од 34 километри и вредност од над 155 милиони евра. Рокот е до крајот на 2026 година. Прогресот е 35 проценти – објаснуваат од Владата.
Оттаму додаваат дека останува да се реализира изгрaдбата на пругата по делницата од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир, чија должина достигнува 24 километри.
– Овој потег е екстремно тежок терен за градба поради самата конфигурација на теренот. Во тек се подготвителните работи за распишување на повикот за избор на изведувач, кои се одвиваат со засилено темпо. Започната е постапката за преглед на целокупната проектна документација, со задача да се приспособи на новите услови. Во тесна соработка со Европската инвестициска банка се дефинира постапката за избор на изведувач до крајот на 2025 или почетокот на 2026 и, паралелно со ова, се договараат следните активности околу објавување на тендерот за избор на изведувач и избор на надзорен инженер во согласност со правилата за набавка на банката – прецизираат од Владата.
Тие додаваат дека во продолжение на оваа делница ќе се гради заеднички тунел со Бугарија како гранична точка меѓу двете земји.

Двете земји треба да изградат слична должина од железничкиот тунел

Деновиве беше потпишан договорот за изградба и операционализација меѓу двете земји, а како што беше посочено – заедничкиот тунел има проектна должина од 2.383 метри, од кои 1.189,3 метри на територијата на Македонија, додека 1.193,7 метри на територијата на Република Бугарија.
Што се однесува, пак, до изградбата на пругата кон нашиот западен сосед, од Владата потенцираат дека веќе има проект за реконструкција на постојната мрежа, а се работи на теренската документација.
– Има проект за реконструкција на железничка линија Скопје-Јегуновце-Тетово-Гостивар-Кичево во должина од 103 километри. Добиен е грант од ЕУ од 5,3 милиони евра за изработка на еколошка студија, студија за оправданост и во подготовка е тендерската докумeнтaција. Се очекува за две години да се избере изведувач. Во продолжение на оваа делница, се прават анализи со Република Албанија, имајќи ги предвид барањата на УНЕСКО – напоменуваат од Владата и додаваат дека се целосно посветени на развој и модернизација на железничкиот сообраќај во Македонија.

Поврзување со Јадранско и Црно Море

Инаку, пред неколку дена на железничката станица Ѓуешево, Македонија и Бугарија официјално го потпишаа договорот за изградба на железничкиот коридор 8. Со овој чекор двете земји се обврзаа на директно железничко поврзување меѓу главните градови Скопје и Софија, што ќе придонесе за значајни социјални и економски придобивки за целиот регион. Европската Унија обезбедува финансиска поддршка за реализација на проектот, кој е дел од пошироката стратегија за регионално поврзување и економски развој.
Пругата по должината на коридорот 8 ги поврзува Јадранско и Црно море и ќе овозможи директен излез на Македонија кон две мориња, што е од суштинско значење за зголемување на економската конкурентност. Изградбата на пругата започна во 1994 година и се смета за проект од национален интерес. Првата делница Куманово–Бељаковце (30,8 км) е веќе завршена, со инвестиција од 40,5 милиони евра. Во тек се изградба и реконструкција на делницата Бељаковце–Крива Паланка (34 км), со вредност од над 155 милиони евра, каде што прогресот е 35 проценти, а завршувањето се очекува до крајот на 2026 година.
Третата делница, од Крива Паланка до границата со Бугарија, ќе вклучува 22 тунели и 52 моста, меѓу кои и меѓуграничниот тунел. Повикот за избор на изведувач се очекува да биде објавен следниот месец.
Коридорот 8 е стратешки транспортен правец на НАТО и има потенцијал да го зголеми товарниот превоз за над 30 отсто, а патничкиот сообраќај за 20–25 проценти во првите години по неговата изградба. Проектот ќе овозможи побрз и поевтин транспорт на стоки и патници, ќе поттикне развој на трговијата, туризмот и инвестициите и ќе ја зајакне регионалната интеграција. Со овој договор, Македонија и Бугарија прават значаен чекор кон подобра инфраструктурна поврзаност, економски раст и стабилност во регионот. Е.Р.