Премиерот Христијан Мицкоски јавно ги повика сите што имаат докази за злоупотреба, да ги достават за да можат институциите да делуват, отфрлајќи ги шпекулациите на опозицијата дека и други луѓе од власта се вмешани во злоупотребата на финансиски средства во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Одговарајќи на новинарски прашања по поставување камен-темелник на изградба на нова спортска сала и втора фаза од доградба на нови простории во ООУ „Блаже Конески“ во Општина Аеродром повтори дека се единствена Влада, која кога ќе забележи девијантно однесување веднаш реагираат.
– И тоа е вистинска борба против криминал и корупција и тие кои што се замешани, се наоѓаат таму каде што треба да се најдат – изјави Мицкоски.
Ја повика опозицијата, како што рече, да не се затскрива позади прашања, туку да излезе со тврдења.
– Тие држат прес-конференции со прашања. Ако се толку сигурни во тие тврдање, нека излезат и нека кажат. Замешан е Христијан Мицкоски, замешан е тој и тој. Затоа што вака е кукавички, не оставаат впечаток. И нека ни помогнат, јас јавно повикувам еве сите што имаат докази за злоупотреба, нека дојдат и нека ги достават тие докази за да можеме ние да делуваме. Така што апсолутно ги отфорлам тие шпекулации и нека остават да си ја работиме работата онака како што треба ама да не стигне и до некои нивни поранешни функционери и министри. И тогаш да ги видам, повторно да излезат на прес-конференција – посочи Мицкоски.



































