Фото: Пиксабеј

Европскиот парламент денеска со 605 гласови „за“, 30 „против“, и пет „воздржани“ го усвои предлогот на европратеничките да им се овозможи правото да именуваат свои полномошници, кои би гласале во нивно име додека се отсутни поради бременост или породилно отсуство.

Целта на ваквиот предлог, како што е наведено во образложението, е да им се овозможи на европратеничките еднакво учество во одлучувањето „за време на доцната бременост и раното мајчинство“.

Со усвоениот предлог, европратеничка, која е бремена или неодамна се породила, може да го делегира својот глас на пленарна седница на свој колега или колешка во периодот три месеци пред проценетиот датум на породување и шест месеци по раѓањето.

– Оваа реформа има за цел да ги зајакне правилата за мајчинство, овозможувајќи им на европратеничките да продолжат целосно да ги извршуваат своите мандати, додека ги балансираат своите здравствени и семејни одговорности со парламентарните обврски – се додава во усвоениот документ.

Реформата е дел од заложбите на Европскиот парламент за обезбедување родова еднаквост, инклузивност и баланс помеѓу работата и приватниот живот и за поттикнување на поголемо учество на мајките во политиката.

– Со формализирање на гласањето преку полномошник, Парламентот се стреми да ја подобри институционалната праведност и да постави пример за националните законодавни тела, осигурувајќи дека родителските одговорности не ги спречуваат избраните претставнички ефикасно да придонесат во законодавниот процес – се нагласува во образложението.

За спроведување на оваа одлука потребна е измена на Изборниот законик на ЕУ, постапка која започнува со усвојувањето на денешниот предлог.

Согласно процедурите на ЕУ, овој предлог сега ќе биде доставен до Советот за едногласно одобрување од страна на земјите членки.

За усвојување на измените на Изборниот законик на ЕУ потребна е поддршка од мнозинството од вкупниот број европратеници, како и нивно одобрување од секоја од земјите членки согласно сопствените процедури.

Инаку, во моментов само три земји од ЕУ – Грција, Луксембург и Шпанија, законски им овозможуваат на пратеничките да гласаат при отсуство од причини поврзани со мајчинството.