Опозицијата да не шпекулира, само 50-тина договори од ИПАД програмата кои што се во фаза на реализација, се стопирани, истакна вечерва министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
– Првенствено е многу важно да кажам дека борбата со криминалот нема селекција. Без најави, без политички притисоци, без многу обзнанување во јавноста или било какви реакции, се делува да се стопира било каква корупција во државата. Само на тој начин делува сериозна Влада како што е Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и тука нема простор за дополнително објаснувања. Веднаш по преземањето на сите активности, односно откривање на овој случај, државата преку механизмите кои постојат презема активност за да се направат дополнителни провери што се случувало во самата Платежна агенција. Значи, сакам да ги демантирам шпекулациите што го комуницираат тоа во јавноста дека „Брисел не блокира, ќе бидат изгубени средствата итн“, што апсолутно не е точно. Напротив, нашата брза реакција како држава во делот на стопирање на сите постапки кои во моментов се во Платежната агенција во делот на ИПАРД средствата е поздравено од Брисел и ние во оваа проверка практично ќе провериме што се случувало внатре во Агенцијата. Ова е само еден контролен механизам каде што во моментот ќе се разјаснат ситуациите кои што се случувале во Агенцијата – рече Трипуновски на вечерашното гостување во „Тема на денот“ на Сител телевизија.
Министерот Трипуновски посочи дека само македонските институции проверуваат што се случувало во Платежната агенција.
– Само македонските институции проверуваат што се случувало во Платежната агенција. Инаку за информација на гледачите, ИПАРД 3 програмата е за периодот од 2021 -2027 година, на располагање ни се ставени 128 милиони евра кои што се поделени тековно по секоја година за реализација. Она што од ИПАРД 3 програмата е изреализирано, се склучени 453 договори кои што веќе се во некоја завршна фаза, само 50-тина договори се во фаза на реализација и само тие договори во моментов се на проверката стопирани. Ова го кажувам затоа што гледам дека опозицијата се обидува да наметне доза дека се ќе се блокира во државата. По проверката ќе го известиме Брисел и Агенцијата ќе продолжи со тековни активности, деновиве ќе назначиме и нов директор на Агенцијата – појасни Трипуновски.
Министерот упати повик до земјоделците да бидат спокојни, бидејќи, тековно ќе си продолжи работата на Платежната агенција. Нагласи дека контролата се врши само во делот на реализацијата на ИПАРД Програмата, а не и на националните плаќања.
Трипуновски изјави дека има процесуирано постапки до ОЈО за незаконското работење на поранешниот министер за земјоделство Љупчо Николовски, но нема никаква реакција.
-Креаторот на сите проблеми, коруптивни дијанија во времето додека беа на власт, не можат да бидат дел од решенијата кои ги нудат. Ние како држава имаме преземено низа акции за да утврдиме што точно се случило во Платежната агенција и тука напротив не гледам никаква потреба од помош, бидејќи тие беа креатори на многу проблеми во минатото. Поранешниот министер кој што гледам дека во овие денови е многу гласен во јавноста и се обидува да манипулира со јавноста, што навистина не е коректно. Кога сме кај опозицијата, сакам да кажам дека станува збор за најкримогениот министер во минатото. Ова го говорам затоа што јас како министер по влегувањето во Министерството преземав низа активности за проверка на неговото работење. Јас имам поведено неколку постапки спрема Јавното обвинителство коишто повеќе од година дена не се процесирани. Постапки за сериозни злоупотреби на буџетски средства, прекршени закони итн. Уште една повикувам по допрен глас доставени документи да преземаат активности, да ги испитуваат овие случаи – рече тој.
Во однос на тоа дека неговото име се спомнува како можно да биде опфатено во владината реконструкција, Трипуновски истакна дека секоја одлука на премиерот ќе биде почитувана.
-Одлуката за составот на владиниот кабинет ја носи премиерот Хриситјан Мицкоски. Секоја негова одлука, каква и да биде, ќе се почитува. Јас како министер во моментов единствен приоритет ми е работата согласно закон, решавање на проблемите кои што ги наследивме од претходната власт, да го подобриме аграрниот сектор како еден од столбовите во нашата економија и секоја една комуникација со било кој еден директор кој што бил од областа на земјоделството е во таа насока. Но, секој кој што ќе се огреши пред законот, треба да одговара – нагласи министерот Трипуновски.




































