ВЕТЕРАНСКИ ШАХОВСКИ ФЕСТИВАЛ
Илија Стошевски (2.045, рангиран трет пред почетокот на турнирот) и ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Љубомир Хаџи-Манев (1.965, шести) во борбена партија ремизираа во дербито на првата табла во 3. коло на третиот турнир, со класично темпо, во просториите на ШК Алкалоид, на ветеранскиот шаховски фестивал „Незаборав за хероите 1941-1944“. Ним на врвот со по 2,5 поена им се приклучија Тодор Андонов (2.076, втор), кој го надигра Зоран Костадиновски (1.877, деветти), и пријатното изненадување Борис Јаневски (1.771, 14-ти), кој беше подобар од Зоран Јовановски (1.870, 10-ти). Борбено беше и помеѓу ФМ Александар Кралевски (1.982, петти) и Миле Трајковски (1.894, седми), кој жртвуваше квалитет за половина поен. Прворангираниот, ФМ Јани Богоевски (2.144), победи на дуелот со Лазо Спасовски (1.813, 13-ти), а прв поен впиша и шахистот со оштетен вид Северџан Саит (1.491, 20-ти), кој го совлада Зоран Велковски (1.714, 17-ти). Претходно на овој шаховски фестивал, во забрзан шах, победи ФМ Александар Кралевски, а во брз шах Јосип Димитровски. Г.И.

































