Фото: Маја Јаневска-Илиева / Илустрација

Романија и Бугарија се во трка со времето да спречат затворање на нивните клучни рафинерии за нафта, пред крајот на ноември да стапат во сила новите американски санкции насочени против нивните руски сопственици. Одлуката на Вашингтон да ги стави на црната листа компаниите „Лукоил“ и „Росњефт“ ги погоди европските земји, кои сега се обидуваат да спречат прекин во снабдувањето со гориво пред санкциите да стапат во сила на 21 ноември.

Овие санкции доаѓаат во момент кога американскиот претседател Доналд Трамп изразува сè поголема фрустрација поради застојот во обидите да се постигне прекин на огнот во Украина, додека ЕУ ги засилува напорите за намалување на зависноста од руските енергенти.

Во Софија, пратениците по брза постапка усвоија закон со кој ѝ се дава право на Владата да назначи управник на рафинеријата на „Лукоил“ во Бургас, со целосни овластувања за преземање на оперативната контрола, одобрување продажба или, доколку е потребно, иницирање национализација.

Истовремено, Бугарија размислува да побара од Вашингтон изземање од санкциите. Според Мартин Владимиров од Центарот за проучување на демократијата, најлошото сценарио – престанок на работата на рафинеријата – би имало сериозни последици за Бугарија. Бидејќи руската рафинерија обезбедува до 80 отсто од потребите за гориво, земјата би можела да остане без залихи до крајот на годината.

Во меѓувреме, опозицискиот пратеник Ивојло Мирчев од „Демократска Бугарија“ предупреди дека брзањето во усвојувањето на законот за заплена на рафинеријата во бугарскиот Парламент носи ризик од сериозни грешки, посочувајќи на опасноста „Лукоил“ да ја тужи Бугарија и парите на крајот да завршат во Русија.

Романија, каде што „Лукоил“ ја поседува рафинеријата „Петротел“, сè уште нема донесено формална одлука, но Букурешт подготвува барање за „продолжување на рокот на санкциите“.

Висок владин претставник, кој побарал да не биде именуван, изјави за „Политико“ дека национализацијата се гледа како крајна мерка. Министерот за енергетика, Богдан-Груја Иван, изјави дека Романија е подготвена за сите сценарија и дека владиниот план ќе има за цел да ја зачува економската активност, но и да го прекине финансирањето на Руската Федерација.

Рафинеријата „Петротел“ покрива околу една петтина од романскиот пазар, па аналитичарката Ана Отилија Нуцу од организацијата „Експерт Форум“ проценува дека затворањето би довело само до благ раст на цените во текот на неколку месеци.

Сепак, проблем би настанал во снабдувањето на Молдавија, која дел од горивото го увезува од Романија. Нуцу предупредува дека „ако Молдавија биде сериозно погодена, тоа ќе биде нова пропагандна можност за Русија“. Молдавската Влада веќе предложи сама да го откупи имотот на „Лукоил“ во земјата, вклучувајќи го и складиштето за авионско гориво, и побара одложување на санкциите.

Германија веќе доби шестмесечно изземање за рафинеријата Шведт, во сопственост на „Росњефт“, која е под државна управа од 2022 година. Унгарскиот премиер Виктор Орбан отпатува за Вашингтон во обид да обезбеди ослободување од санкциите за увоз на руска нафта преку нафтовод, што би се однесувало и на Словачка.

Голем проблем ќе биде продажбата и идното сопствеништво на рафинериите. Иако поранешен менаџер на „Лукоил“ тврди дека двете рафинерии се „добро водени“, малку е веројатно дека брзо ќе се најде компанија подготвена да ги преземе ризиците поврзани со санкциите, скапото осигурување и постојаните инвестиции, пишува Политико Јуроп.

Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ ја повлече понудата за купување на меѓународниот имот на „Лукоил“ по острата реакција од американското Министерство за финансии.

Аналитичарката Нуцу оценува дека за продажба на рафинериите мора да се одлучува на ниво на Европската Унија, за да се спречи заобиколување на американските санкции. Поранешниот литвански министер за енергетика, Жигимантас Вајчиунас, предупредува дека Европската комисија мора внимателно да го провери секој потенцијален купувач.