Фото: Архива

Науката во Македонија се актуелизира не само како тема за дискусија, туку и како поле на делување. Ова го потврдува и последниот извештај на Европската комисија за напредокот на државата во областа на науката, а претставува резултат на ефективни национални политики и на значително зголемениот буџет за поддршка на научно – истражувачката дејност. Од 380 милиони денари во 2024 година на 680 милиони денари во 2025 година, а за следната 2026 предвиден е рекорден буџет од 1,37 милијарди денари за наука, соопшти денеска Министерството за образование и наука (МОН).

Од ресорното министерство информираат дела оваа календарска година преку три повици за распределба на средства  е стимулирана реализацијата на научно-истражувачки проекти на јавните универзитети, факултети и научни установи, на МАНУ и бизнис заедницата, кои се во корелација со целите од Стратегијата за паметна специјализација на Македонија. Проектите, како што наведуваат, успешно се реализираат.

– Науката е столб на општествениот развој и затоа во 2026 година буџетот за наука ќе изнесува 1,37 милијарди денари со кои продолжува финансирањето на научно-истражувачки проекти, за развој на лабораториските ресурси, за учество на меѓународни научни конференции и организирање на домашни, објавување на научни трудови во списанија со импакт фактор, доделување стипендии за млади научници, стипендии за втор и трет циклус на студии во државата, како и организирање на научни и студиски престои во странство. Посебно радува зголемениот интерес кај младите да се занимаваат со наука и иновации, што се огледува преку искористување на мерките кои МОН ги става на располагање, така што, заедно со другите надлежни владини институции продолжуваме да ги поддржуваме во реализација на личните амбиции – стои во соопштението.

Според МОН, развојни политики добиваат континуитет затоа што секој влог во науката се исплати и на средства и труд во овој сегмент не треба да се штеди.

– Честит 10 Ноември – Светски ден на науката! – додават од МОН.