Падна одбраната на Ел Фашер, историскиот административен главен град на северен Дарфур. По речиси две години опсада, паравоените Сили за брза поддршка (РСФ) неделава го зазедоа седиштето на суданската армија во овој град со близу половина милион луѓе, со што воспоставија контрола врз сите пет државни престолнини во огромниот, богат со ресурси регион. Илјадници бегаат надвор од Судан, при што многумина заминале во соседниот Чад, каде што условите за живот на раселените лица се веќе несоодветни.
Војната за територија помеѓу РСФ предводени од Мохамед Хамдан Дагало, познат како Хемедти и суданските вооружени сили (САФ), од април 2023 година се претвори во хуманитарна катастрофа, што многу меѓународни агенции ја нарекуваат најлошата во историјата.
За милицијата, Ел Фашер е повеќе од трофеј од војната. Историчарот Тариг Мохамед Нур истакнува дека освојувањето на административниот и економскиот главен град на северен Дарфур им овозможува на РСФ и нивните сојузници да ги контролираат снабдувачките патишта, транспортните коридори и комуникациските мрежи низ целиот регион, обезбедувајќи логистичка длабочина, пристап до засилувања и лансирна рампа за пробив во соседните области.
Освојувањето на голем град е исто така начин да се демонстрира дека милицијата повеќе не е ограничена на рурално војување. Таа може да го наметне својот авторитет врз урбаните центри, давајќи ѝ локална политичка моќ да влијае врз племенските групи и да ги преобликува регионалните сојузи. Потоа, тука е пристапот до владини канцеларии, финансиски ресурси и инфраструктура, кои се неопходни за консолидирање на територијалната контрола. Покрај сето ова, преземањето контрола врз воениот штаб ја поттикнува пропагандата, што го зајакнува моралот кај борците и помага во привлекувањето потенцијални регрути. Стратешки гледано, ова потенцијално ја принудува суданската армија да ги пренасочи вниманието и ресурсите кон обиди за повторно освојување на градот.
РСФ веќе прогласија непризнаена паралелна влада во Дарфур, додека САФ и натаму имаат контрола над северот, истокот и центарот на Судан, вклучувајќи го и главниот град Картум. Но падот на Ел Фашер го обедини суданскиот народ околу армијата, при што многумина ја искажаа својата подготвеност да одговорат на општата воена мобилизација. Командантот на РСФ, Дагало, призна „прекршувања“ од страна на неговите борци во Ел Фашер, тврдејќи дека е формиран истражен комитет за да ги идентификува одговорните за нив.
Судан ги трпи последиците од војната од 15 април 2023 година, кога избувнаа борбите околу планот за интегрирање на паравоените РСФ во САФ како дел од фазната транзиција кон цивилно владеење. Оттогаш, повеќе од 20.000 Суданци се убиени, а над 15 милиони луѓе се раселени, според податоците на ОН.

































