Само една од завојуваните страни во Судан го одобри предлогот за прекин на огнот
- Паравоeната група РСФ, која се соочува со растечка осуда и обвиненија за злосторства извршени во Дарфур, соопшти дека се согласила со предлогот за прекин на огнот, но сè уште не е јасно што ќе направи суданската армија
Суданската паравоена група Сили за брза поддршка (РСФ), која се бори против армијата на Судан повеќе од две години, во четвртокот соопшти дека се согласила на примирје во војната што ја создаде најлошата хуманитарна криза во светот. Групата РСФ во соопштение наведува дека прифатила предлог за прекин на огнот од група медијатори предводени од САД. РСФ изјави дека сака „да се справи со катастрофалните хуманитарни последици од војната“, да достави помош и да работи кон мир.
Но немаше индикации дали армијата на Судан, која неодамна претрпе голем пораз на бојното поле, се согласила на примирјето. Претходно неделава, суданските воени лидери го отфрлија мировниот предлог, посочувајќи дека ќе се согласат на него само ако РСФ го положат оружјето. Во соопштение од четвртокот, суданската армија ја повтори својата посветеност на победа над паравоената група преку сила.
А РСФ се чини дека реагираат на зголемениот меѓународен притисок поради злосторства извршени за време на нивното освојување на Ел Фашер, последниот град што беше надвор од контрола на групата во западниот регион Дарфур. Мноштво информации и сведоштва на очевидци укажуваат на масакр што се одвива таму.
Групата спроведе 18-месечна опсада на Ел Фашер, во која тамошните жители беа изгладнувани и бомбардирани, пред градот да падне под нејзина контрола пред десетина дена. Водечкото тело на ОН за човекови права соопшти дека следната недела ќе одржи итна седница за да разговара за ситуацијата во Ел Фашер.
Нема траен прекин на огнот откако започна војната во Судан во април 2023 година, кога државната армија и РСФ, одделни гранки на безбедносните сили на земјата, првпат се судрија на улиците на главниот град Картум. Конфликтот брзо ја зафати земјата. Во четвртокот, се чини дека од РСФ признаа оти нивното отстапување е само чекор кон примирје, велејќи во соопштение дека со нетрпение очекуваат „веднаш да започнат дискусии за договорите за прекин на непријателствата“.
Дипломатскиот притисок доаѓа од групацијата предводена од САД, која ги вклучува Саудиска Арабија, Египет и Обединетите Арапски Емирати. Во септември, групацијата предложи хуманитарно примирје за почетни три месеци, што би го олеснило доставувањето помош во Судан, чија армија има примарна контрола врз владата, и би го отворило патот за разговори за траен прекин на огнот. Според тој план, паузата во борбите би била проследена со воспоставување „независна влада предводена од цивили“.
Војната во Судан принуди најмалку 12 милиони луѓе да ги напуштат своите домови, а според некои процени, во неа се убиени дури 400 илјади луѓе. Гладот продолжува да се шири низ целата земја.
Критичарите се прашуваат дали меѓународната група може да донесе мир бидејќи повеќето од нејзините членови се длабоко вмешани во војната. Саудиска Арабија и Египет долго време ја поддржуваат армијата на Судан, додека ОАЕ испраќаат беспилотни летала и друго оружје до РСФ, појавувајќи се како најголем странски спонзор на групата. ОАЕ категорично негираат дека поддржуваат која било страна во војната. Сепак, во последните денови беа критикувани за поврзаност со РСФ.
Во средата, истражувачката група со отворен код „Белингкет“ соопшти дека идентификувала масовно убиство на најмалку 80 луѓе во близината на Ел Фашер за време на неодамнешната опсада. Минатата недела, Светската здравствена организација соопшти дека повеќе од 460 луѓе биле убиени во главната болница во градот. РСФ негираа дека ја нападнале болницата, отфрлајќи го обвинението како пропаганда од суданската армија.

































