Фото: Принтскрин

Европската Унија повикува на избегнување на активности што би можеле да предизвикаат нова трка во вооружување, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Ануар Ел Ануни, во врска со најавата на Русија дека планира да започне со нуклеарни тестови.

– Оваа најава не оди во вистинската насока. Русија мора да се воздржи од чекори што би можеле негативно да влијаат на прагот за употреба на нуклеарно оружје. Русија мора да се придржува до своите меѓународни обврски и заложби, вклучително и до Договорот за неширење на нуклеарно оружје – додаде Ел Ануни.

Според него, лидерите на земјите што поседуваат нуклеарно оружје, вклучително и на Русија, се согласиле на принципот дека во нуклеарна војна не може да има победник и дека никогаш не смее да се дозволи таа да се води.

– ЕУ ја повикува Русија да се воздржи од нуклеарни закани и сите актери да избегнуваат активности што би можеле да предизвикаат нова трка во вооружување, бидејќи таквото однесување ја поткопува глобалната стабилност и тешко постигнатиот напредок во намалувањето на нуклеарното оружје од крајот на Студената војна – додаде Ел Ануни.