Фото: Министерство за здравство

Министерот за здравство, Азир Алиу денеска се обрати на четвртата годишна конференција за здравство во организација на Американската стопанска комора АмЧам, која годинава е посветена на темата „Моќта на навремената акција за здравствен систем што испорачува“, се наведува во соопштението на Министерството за здравство, што МИА го пренесува интегрално.

Во своето обраќање министерот Алиу се осврна на повеќе тековни проекти за зајакнување и унапредување на капацитетите во јавното здравство. Во рамки на панел дискусијата со претставници од институциите, бизнис секторот и пациентските организации се разговараше како од реактивен да се премине кон проактивен здравствен систем.

– Дијагнозата за нашиот систем е недостиг на основни податоци, нејасно дефинирани временски процеси и краткорочни приоритети. Затоа, почнавме со изработка на десетгодишна национална стратегија за човечки капацитети, која ќе биде независна од дневната политика. Дополнително во партнерство со Медицински факултет при УКИМ и факултетите за медицински науки во Тетово и Штип, ги стартувавме реформите на специјализациите и супспецијализациите со кои ќе се опфати редефинирање на гранки, скратување на дел од програмите и зајакнување на пошироките специјализации – интерна медицина и општа хирургија – за усогласување со реалните потреби на системот – посочи министерот Алиу.

Тој го истакна и зајакнувањето на примарното здравство и превенцијата, со нови вработувања и постапка за набавка на 100 возила за итна медицинска помош, како и надградбата на дигиталната поддршка за пациентите преку „МојТермин”, „Мое Здравје“ и подготовка на национални мрежи за радиологија и телемедицина. Посочи дека е во тек дигиталната трансформација и воведени се нови модули во „МојТермин“ за евиденција на прегледи од областа на медицина на трудот и систем за евиденција и управување со барањата за листата на лекови, со која првпат се почнува со дигитализација на постапката за ставање нов лек на позитивна листа.

– Работиме на регионално планирање кадар и ресурси и на децентрализација на онколошката грижа во ГОБ „8 Септември“, Тетово и Битола, а во Гостивар веќе е ставена во функција нова хируршка сала за ортопедија и трауматологија. Од првиот ден воведов отворен кабинет и контакт-форма за директен дијалог со граѓаните, а во тек се консултации за пакет измени и дополнувања на 12 закони за поквалитетни и подостапни услуги. Нашата цел е јасна и споделена – тоа е здравство што навреме испорачува квалитетни услуги, со пациентот во центарот – заклучи министерот Алиу.