Универзитетската библиотека „Гоце Делчев“ со низа активности го доближува читањето до најмладите
- „Инфобус“од ваков вид ретко може да се види во Македонија, на што како библиотека сме особено горди. На овој начин не само што ја правиме книгата достапна туку се трудиме и да ја афирмираме, да ја популаризираме и да поттикнеме, особено кај најмалите, љубов кон книгата и читањето. За таа цел организираме голем број книжевно-креативни работилници, со што „Инфобусот“ прераснува во подвижна училница, вели библиотекарката Соња Манева
Некој дома има цела библиотека, а не прочитал ниту една книга. Друг, пак, нема ниедна книга, нема ниту домашна библиотека, ниту библиотека во неговото место на живеење, ниту во своето училиште, а толку копнее да чита. За сите оние што сакаат да читаат, а книгите не им се лесно достапни, во Штип веќе 22 години постои мобилната библиотека „Инфобус“. Овој автобус полн со книги работи во рамките на универзитетската библиотека „Гоце Делчев“ во градот под Исарот. Целта е книгата да ја направи подостапна за да се надминат таканаречените бели зони, кои претставуваат места без библиотечна активност. Наедно се врши промоција на писменоста, читањето, пристапот до знаењето и до информатичката технологија.
Весела библиотека на тркала
Во почетокот (2003 г.) проектот бил финансиски поддржан од странски донации и од Министерството за култура, а од 2004 година „Инфобусот“, како проект, па до денес е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам и има вработен библиотекар и возач. Проектот се реализира во текот на целата година, се посетуваат десет села и три приградски населби во општините Штип и Карбинци, населени со македонско, турско и влашко население. Во некои училишта и наставата се одвива на турски јазик. Оваа уникатна библиотека располага со солиден фонд на книги, кој постојана се дополнува и обновува. Има и скромен фонд литература на турски, на влашки, на англиски и на германски јазик. За потребите на земјоделците располага и со одреден број стручна литература.
Посетата се одвива по одреден распоред, најголем број од членството се ученици, но членуваат и други категории на граѓани.
– „Инфобус“ од ваков вид ретко може да се види во Македонија, на што како библиотека сме особено горди. На овој начин не само што ја правиме книгата достапна туку се трудиме и да ја афирмираме, да ја популаризираме и да поттикнеме, особено кај најмалите, љубов кон книгата и читањето. За таа цел организираме голем број книжевно-креативни работилници, со што „Инфобусот“ прераснува во подвижна училница – со гордост ни раскажа библиотекарката Соња Манева.
Принцезата Есен доби нова облека
Во текот на Недела на детето беа одржани книжевно-креативни работилници со ученици од две подрачни училишта, со наслов „Веселиот даб од детски желби“.
– Преку холистички пристап направивме поврзување на повеќе наставни предмети во рамките на работилницата. Потоа, учениците на есенски листови ги испишаа своите скромни детски желби и го разубавија дабот. Читавме песни за детските права, зборувавме за нивните обврски и така тие учеа, ја развиваа креативноста, а преку сето тоа поттикнавме интерес за нивна почеста дружба со книгата – објаснува Манева.
И во рамките на Месецот на книгата, кој трае од 15 октомври до 15 ноември, „Инфобусот“ ќе продолжи да ги радува децата со книжевно-креативни работилници, на кои главно ќе се читаат книги поврзани со есента, со промените и појавите, а ни открија дека вредните ученици веќе изработиле раскошен фустан од есенски лисја за принцезата Есен.
Низ повеќе од две децении постоење, оваа весела библиотека на тркала овозможила средби со многу автори, работилници со ликови од омилените серии, соработки со игротеки, а како што вели библиотекарката Соња Манева, секое доаѓање на „Инфобусот“ за децата значи радост и возбуда, а тоа покажува дека целта на неговото постоење е постигната и оправдана.
Библиотеката освен што ја чува книгата, треба и да ја популаризира, промовира и доближува до читателите, да поттикнува интерес за поголема дружба, особено во ова време на развој на технологијата, интернетот, социјалните мрежи и паметните телефони. Време во кое, за жал, интересот на младите за читање се намалува.

Секоја книга е свет што треба да биде откриен
– Една од дејностите на библиотеката, покрај информациската и културната, е и образовно-воспитната дејност, која се реализира во текот на целата година. Во Месецот на книгата ставаме посебен акцент на нејзината афирмација и популаризација, и тоа особено кај децата. Започнавме со промоција на книга за деца, напишана од дете, седмоодделенката Драгана Рајкова од Валандово, со која сакавме да истакнеме како честата дружба со книгата влијае позитивно во развојот на детската личност. Децата што ја учат вредноста на книгата од рана возраст, најчесто стануваат креативни и независни читатели. Книгата ги буди детската фантазија и желбата да истражуваат, да фантазираат за луѓе, места, времиња и настани што не ги сретнале или доживеале – подвлекува библиотекарката Соња Манева.
Во рамките на активностите на универзитетската библиотека „Гоце Делчев“ се одржа и средба со над сто третоодделенци од ООУ „Димитар Влахов“ од Штип, кои се запознаа со работата и организацијата на библиотеката, за услугите што ги нуди, а ги слушнаа и пораките на д-р Читко за градење читачки навики.
Во наредниов период се предвидени средби со автори, промоции на сликовници и многу други активности со цел библиотеката да стане уште попосакувано место за децата, каде што ќе поминуваат дел од своето слободно време, каде што ќе стекнуваат нови знаења, место каде што ќе растат и ќе градат нови пријателства. Веруваме дека секоја книга крие свет што треба да биде откриен – посочи Соња Манева.





































