Фото: „Нова Македонија“

ФУДБАЛ – СОСТАНОК НА ИФАБ

  • По новото правило од годинава за голманите, сега се разговара за воведување ограничено време и за изведување аут и голаут. На состанокот, ИФАБ доби информации и за тековното тестирање на алтернативното правило за офсајд и за тоа дали главната цел треба да биде намалување на маргиналните одлуки за офсајд во современиот фудбал за да се промовира понапаѓачка игра

На виртуелен состанок на Фудбалските и техничките советодавни панели (ФАП-ТАП) на Меѓународниот фудбалски борд (ИФАБ) се разговарало на разни теми, со посебен фокус на понатамошни мерки за подобрување на текот на играта и минимизирање на прекините и изгубеното време, информира ИФАБ, телото што ги одредува фудбалските правила.
Така, по ажурирањето на позитивните глобални повратни информации во врска со успешното воведување на новите одредби за спречување на голманите да ја држат топката предолго (сега има временско ограничување од осум секунди, при што судијата визуелно одбројува од пет секунди, по што ќе биде досуден корнер за противникот во случај на прекршување на ова правило), беа дискутирани понатамошни начини за подобрување на текот на натпреварите и намалување на прекините, а размислувањата беа дали принципот на одбројување може да се примени на изведувања аути и удари од голот (голаут) и како да се намали времето изгубено поради прекини предизвикани од повреди и замени на фудбалери.
Овие советодавни панели беа информирани за тековното тестирање на алтернативниот концепт за офсајд и беа поканети да ги споделат своите мислења за тоа дали се потребни какви било измени во правилата на игра. Од нив беше побарано да размислат дали главната цел треба да биде намалување на маргиналните одлуки за офсајд во современиот фудбал за да се промовира понапаѓачка игра. Членовите се согласија дека прашањето бара понатамошна анализа и дополнителни испитувања пред да можат да се донесат какви било одлуки, пишува ИФАБ.

Според некои предлози, играчот не би бил во офсајд ако кој било дел од неговото тело е во линија со претпоследниот одбранбен фудбалер, а оваа идеја поддржана од Арсен Венгер, шефот на Светската фудбалска федерација (ФИФА) за глобален фудбал, беше изнесена во 2020 година, пишува „Би-би-си“.
Во врска со протоколот за системот видеопомошник-судија (ВАР), беше дискутирано дека, меѓу другото, т.н. видеосудии (ВМО) треба да имаат можност да интервенираат кога е даден погрешен втор жолт картон на еден играч, пишува ИФАБ. Релевантен предлог ќе биде доставен до следниот годишен состанок на ИФАБ. Фудбалските и техничките советодавни панели забележаа дека воведувањето на т.н. упатство само капитенот (дозвола само капитенот да може да разговара со судијата) е широко добредојдено, помагајќи да се поттикнат попочитувачки интеракции меѓу судиите и играчите, а наедно да се подобри целокупната слика за фудбалот. Иако упатствата во моментов се опционални, ФАП-ТАП препорача тие да станат задолжителен протокол во правилата на играта, со што на натпреварувањата ќе им се даде доволно време да се подготват, пишува ИФАБ.
Фудбалските и техничките советодавни панели добија информации и за развојот на напредната полуавтоматизирана технологија за одредување офсајд и за тековното тестирање на Светската фудбалска федерација за системот фудбалска видеоподдршка (ФВС), кои се успешно имплементирани на натпреварите во организација на ФИФА, пишува ИФАБ. Н.М.