Во Индија се отвораат кафулиња за отпад
Кафулиња за ѓубре никнуваат низ Индија. Во нив храната не се плаќа со пари, туку со пакетчиња пластика како стари ќесиња, пакувања за храна, шишиња за вода. Луѓето тука можат да заменат килограм пластичен отпад за целосен оброк, кој вклучува ориз, две зеленчукови карија, роти (вид леб), салата и кисели краставички.
Амбикапур, град во сојузната држава Чатисгарх во централна Индија, се обидел да ја искористи епидемијата на пластично загадување за да се справи со гладот. Во 2019 година започнало да работи „Гарбиџ кафе“, користејќи го слоганот „повеќе отпад, подобар вкус“.
– Финансиран од буџетот за санитарни услуги на AMC, поставен е блиску до главната автобуска станица во градот. Идејата е да се решат два постојни проблеми во Амбикапур: пластичен отпад и глад – вели Винод Кумар Пател, кој го води кафулето во име на општината Амбикапур (AMC).
Идејата беше едноставна: да се поттикнат луѓето со ниски приходи, особено бездомниците и собирачите на отпад, да собираат пластичен отпад од улиците и од депониите и за возврат да добијат топли оброци. Многу луѓе што доаѓаат во кафулето се од сиромашни семејства.

































