- Двајцата по третпат се најдобри атлетичари во Европа, откако имаа сезони без пораз во нивните соодветни дисциплини
Фемке Бол од Холандија и Арманд Дуплантис од Шведска повторно беа крунисани за европски атлетичари на годината на свеченоста на доделување на наградите „Златни патеки“ во Батуми (Грузија). Ова е третпат Бол и Дуплантис да го добијат ова признание, подвиг што претходно го постигна само Мо Фарах од Велика Британија. Бол го освои тоа признание и во 2022 и 2023 година, а Дуплантис ја подели машката награда со Норвежанецот Јакоб Ингебригтсен во 2022 пред да ја освои наградата сам во 2024 година.
Бол и Дуплантис имаа сезони без пораз во нивните соодветни дисциплини. Бол ја круниса својата сезона со одбрана на титулата во трките на 400 метри со пречки на Светското првенство во атлетика во Токио со рекорд од 51,54 метар, а Дуплантис го постигна својот четврти светски рекорд во 2025 година и 14-ти во својата кариера, во Токио, со скокот од 6,3 метри за да ја освои својата трета светска титула во скок со стап. И двајцата се поранешни добитници на трофејот „Ѕвезда во подем“, освојувајќи го овој трофеј во 2021, односно во 2018 година. Годишни добитници на „Ѕвезда во подем“ беа Швајцарката Одри Веро и Полјакот Хуберт Трошцијанка.
– Би сакал да им упатам најтопли честитки на сите добитници на награди и номинирани на вечерашната вечер на доделувањето на наградите „Златни патеки“ во Батуми. Беше прекрасно да се потсетиме на уште една фантастична година во атлетиката и да ги прославиме извонредните подвизи на оние на теренот и надвор од него. Се подготвуваме за уште една возбудлива година што претстои, вклучувајќи го и Европското првенство во атлетика во Бирмингем, каде што со нетрпение очекуваме да ги видиме нашите европски атлетичари на годината и ѕвездите во подем во акција – рече меѓу другото, претседателот на Европската атлетика (ЕА), Добромир Карамаринов, пренесе ЕА.
Награда за животно дело доби Роберт Емијан од Ерменија, чиј европски рекорд во скок во далечина (8,86 м) е од 1987 година. Првата европска награда за тренери им беше доделена на Марина Котрикадзе и Зигмунд Зилберштејн од Грузија. Вкупно 66 тренери од 32 федерации членки ќе ја добијат наградата. И првите судии на годината беа наградени, и тоа Ана Палмериус и Нилс ван дер Ар. „Златните патеки“ во 2026 година ќе се доделуваат во Лозана, пишува ЕА. Г.И.
































