Хангџоу – центар на дигиталната заедница, седиште на гигантот „Алибаба“

Врз остатоците на најстарата кинеска цивилизација, Лијангжу, со историја што се протега на пет милениуми, никнува градот Хангџоу, центар на новите технологии и на дигитална културна заедница, град седиште на трговскиот гигант „Алибаба“.
Кинескиот Хангџоу со векови бил почитуван поради својата извонредна природна убавина и културно значење, наречен уште и како „рај на земјата“. Од деветтиот век па наваму, зелените градини на градот, високите храмови и пејзажите што оставаат без здив, вклучувајќи го неговиот бисер, Западното Езеро, ги инспирирале најголемите кинески сликари, поети и филозофи да ја забележат во своите дела неговата убавина. Познат е и како една од клучните дестинации на Патот на свилата, древниот трговски пат што ја поврзувал Европа со Азија. Големиот канал, најстар и најдолг канал создаден од човекот во светот, кој го поврзува Хангџоу со Пекинг, исто така бил од витално значење за политичката, културната и економската моќ на градот. Познато е дека италијанскиот истражувач Марко Поло го посетил за време на своите авантури низ светот во 13 век и бил толку импресиониран што го прогласил градот Хангџоу за „поголем од кој било друг на светот“.
Денес градот продолжува да инспирира, но во сосема друга насока, Хангџоу сега е најпребаруваниот град на интернет во Кина и годишно прима повеќе од три милиони туристи.
По посетата на изложбена сала на „Идниот технолошки град“, Коридорот за иновации, седиштето на „Рокид технологија“ и уште неколку други просперитетни компании, ви станува јасно дека станува збор за вистински центар на дигиталната културна заедница, национална база за меѓународна културна трговија и центар на индустријата и иновациите.

Шармот на науката и технологијата

Идниот научно-технолошки град е изложбен салон што покрива површина од околу 1.500 квадратни метри. Со дигитално и футуристичко искуство, ги претставува достигнувањата на Идниот научно-технолошки град од неговото основање, состојбата на висококвалификуваните таленти и клучните проекти, распореденоста на научноистражувачките центри и индустриските платформи, како и урбаните функционални помошни објекти и производи на квалитетни компании. Изложбената сала ја демонстрира концепцијата за развој на градот „воден од таленти, а поттикнат од иновации“ и ги претставува комплексно агломерацијата на научноистражувачки платформи, состојбата на таленти, индустрискиот систем, индустриските носители, клучните проекти, процесот на собирање таленти, услуги за интелектуална сопственост, евалуација на проекти, бизнис услуги, инфраструктурни поддржувачки објекти.
Дел од изложбената сала се фокусира на научно-технолошка иновација и идните трендови. Салата за изложби собира најсовремени достигнувања во области како што се вештачка интелигенција, интелигентно производство и дигитална економија, прикажувајќи ги иновативната сила и развојниот потенцијал на Хангџоу како центар на висока технологија. Преку интерактивни искуства и најсовремени поставки, посетителите може да го почувствуваат шармот на науката и технологијата одблизу и да ги истражат бесконечните можности на идниот живот. Оваа изложба не само што ја истакнува иновативната виталност на сите водечки сектори во Хангџоу туку и обезбедува платформа за комуникација и инспирација за ентузијастите на науката и технологијата.
За време на посетата на Хнагоу го посетивме и Центарот за иновации и развој на игри и електронски спортови, кој пак се фокусира на секторите на дигиталната културна индустрија како игри, е-спорт и анимација, со цел да изгради екосистем на цел индустриски синџир и да обезбеди поддршка за квалитетен и здрав развој на игрите, е-спортот и дигиталните културни индустрии. Во 2024 година центарот е вклучен во првата група на извонредни примери на микрореформи во бизнис-средината во провинцијата Жеџијанг, во која се наоѓа градот Хангџоу.

„Рокид“ – компјутер во форма на очила

„Рокид технолоџи“ е компанија ангажирана во истражување и развој и продажба на хардверски и софтверски технолошки АР-производи. Тоа е национално високотехнолошко претпријатие, центар за истражување и развој на провинцијата Жеџијанг. Како единствено АР-претпријатие во Кина со целосен сет на независни технологии и во хардверските и во софтверските области, „Рокид“ има добиено повеќе од 170 овластени патенти за изуми. Неговите главни производи се серијата АР-очила опремени со системи за работа развиени самостојно, како што се индустриски паметни очила, кои ги применуваат многу познати претпријатија и кои имаат постигнато голем успех на странските пазари.
Очилата на „Рокид“ ја имаат освоено првата награда на Меѓународната изложба за изуми во Женева во 2023 година и првата награда на конкурсот за иновации „Дигитал Чајна“ во 2003 година.
Очилата се широко користени во индустријата, музеите, туристичките места и образованието. Тие овозможуваат лесно пребарување со допир со прстот и далечинско управување со ласер и поддржуваат работа во канцеларија, гледање видеа, игри и безжичен пренос на фајлови и проекција на екран со мобилни телефони, таблети и други уреди. Овој револуционерен производ, кој во иднина може целосно да ги замени традиционалните очила, тежи само 49 грама, нуди различни функции како превод, навигација, телепромптер, пребарување информации, прашања и одговори, фотографија и музика.

Роботи што веќе се применуваат во повеќе индустрии

„Хангџоу Шенхао технолоџи“, основана во 2002 година, е компанија фокусирана на технологии за роботи и вештачка интелигенција. Со интелигентни роботи за работа и одржување како клучни производи, компанијата изградила сеопфатна тридимензионална структура на производи што ги покрива земјата, морето и воздухот, обезбедувајќи интелигентни интегрирани решенија за безбедна работа на индустриската опрема и урбана јавна безбедност. Таа помага во подобрување на квалитетот и ефикасноста во индустриската област и промовира општо подобрување на управувањето со урбаната безбедност.
Преку своите иновативни капацитети, компанијата успешно развива серија вештачки системи за работа и одржување роботи, кои се применуваат во повеќе индустрии како електроенергетски мрежи, железнички транспорт, управување со итни ситуации, еколошка средина и подводни операции. Овие примени ефективно ги подобриле доверливоста и безбедноста на опремата, го намалиле интензитетот на трудот и ја промовирале трансформацијата од традиционално работење и одржување кон интелигентно работење и одржување. Компанијата има истражувачки центри на познати домашни и странски универзитети како Универзитетот „Жеџијанг“, Технолошкиот универзитет „Жеџијанг“ и Сингапурскиот политехнички институт.

Весна Дамчевска, наша известувачка од Кина