Фото: Маја Јаневска-Илиева

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата победи во вкупно 53 општини во првиот круг од локалните избори одржан во неделата, додека коалицијата Вреди славеше во девет, СДСМ и коалицијата во осум, Националната алијанса за интеграција во пет, а движењето ЗНАМ, Демократската партија на Турците, Унијата на Роми и независните кандидати Менди Ќура и Азем Садиќи победија во по една општина.
Кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ (според првичните резултати на ДИК по обработени 99,94 отсто од гласовите) победиле во Аеродром, Берово, Битола, Босилево, Брвеница, Бутел, Валандово, Василево, Вевчани, Велес, Виница, Гази Баба, Гевгелија, Ѓорче Петров, Градско, Дебарца, Делчево, Демир Капија, Демир Хисар, Дојран, Зелениково, Зрновци, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Карпош, Кисела Вода, Кичево, Кочани, Конче, Кратово, Маврово и Ростуше (нема цензус), Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Новаци, Ново Село, Охрид, Петровец, Пехчево, Прилеп, Пробиштип, Радовиш, Ранковце, Ресен, Свети Николе, Сопиште, Старо Нагоричане, Струмица, Чешиново-Облешево и Штип.
СДСМ и Коалицијата освоиле најмногу гласови во општините Богданци, Крива Паланка, Кривогаштани, Крушево, Лозово, Росоман, Центар и Чучер Сандево. Кандидатите од коалицијата Вреди победија во општините Арачиново, Боговиње, Дебар, Долнени, Желино, Сарај, Теарце, Тетово и Чаир. Кандидатите на НАИ добиле најмногу гласови во Врапчиште, Гостивар, Липково, Пласница и Чашка. Кандидатот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, освоил најмногу гласови во Куманово, Курто Дудуш од Унијата на Роми во Шуто Оризари, во Струга и Студеничани независните кандидати Менди Ќура и Азем Садики, а во Центар Жупа кандидатот на ДПТ Аријан Ибраим.
Извесно е повторување на првиот круг во Центар Жупа, Маврово и Ростуше и во Врапчиште, бидејќи не е постигнат потребниот цензус на гласање да излезат најмалку третина од запишаните избирачи.
Во првиот круг од гласањето за градоначалник е избран оној кандидат што добил мнозинство гласови од избирачите што гласале доколку на изборите излегле една третина од вкупниот број избирачи запишани во изводот од избирачкиот список за соодветната општина. Доколку во првиот круг од гласањето за избор на градоначалник на општината, односно градот Скопје, не излезат една третина од вкупниот број избирачи запишани во изводот од избирачкиот список за соодветната општина, односно градот Скопје, се повторува целата изборна постапка за соодветната општина. Изборите за градоначалници во единиците на локалната самоуправа се вршат по мнозинскиот изборен модел, а изборите за членови на советите по пропорционален модел, во еден круг. Вториот круг од локалните избори ќе се одржи на 2 ноември. П.Р.


ВМРО-ДПМНЕ доби 32 градоначалника, Вреди има пет, НАИ четири, а СДСМ три

Во првиот круг од локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ освои градоначалнички места во 32 општини, коалицијата Вреди во пет, НАИ во четири, а СДСМ во три. Втор круг ќе има во 33 општини, додека во три ќе се повтори гласањето поради недоволен цензус.
Избрани градоначалници во првиот круг од ВМРО-ДПМНЕ се Петар Ружински (Берово), Тони Коњановски (Битола), Ристо Манчев (Босилово), Дарко Костовски (Бутел), Славе Андонов (Василево), Спасе Кочовски (Вевчани), Марко Колев (Велес), Бобан Стефковски (Гази Баба), Андон Сарамандов (Гевгелија), Александар Стојкоски (Ѓорче Петров), Киро Нацков (Градско), Иван Гоцевски (Делчево), Никола Најдовски (Демир Хисар), Коста Маневски (Зелениково), Александар Георгиевски (Илинден), Димитар Костадиноски (Јегуновце), Митко Јанчев (Кавадарци), Виктор Паунов (Карбинци), Бети Стаменкоска Трајкоска (Кисела Вода), Тодорче Николовски (Кратово), Стевче Ставановски (Новаци), Ѓорѓе Божинов (Ново Село), Кирил Пецаков (Охрид), Борче Митевски (Петровец), Александар Китански (Пехчево), Дејан Проданоски (Прилеп), Љупче Почивалец (Радовиш), Јован Тозиевски (Ресен), Дејан Владев (Свети Николе), Јане Мицевски (Сопиште), Петар Јанков (Струмица) и Иван Јорданов (Штип).
Од Вреди во првиот круг беа избрани Даут Беќири (Арачиново), Блјерим Сејдиу (Желино), Мухамет Елмази (Сарај), Даут Мемиши (Теарце) и Изет Меџити (Чаир).
НАИ освои четири градоначалнички места, и тоа Валбон Лимани (Гостивар), Еркан Арифи (Липково), Алија Јаоски (Пласница) и Суат Шаќиров (Чашка), додека СДСМ освои три: Блаже Шапов (Богданци), Сашко Митовски (Крива Паланка) и Игор Каравилоски (Кривогаштани).
Во вториот круг од локалните избори, граѓаните во 33 општини ќе избираат меѓу двајца кандидати што добија најмногу гласови во првиот круг.
Во Град Скопје, во вториот круг ќе се соочат Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ и Амар Мециновиќ од Левица. Во Аеродром граѓаните ќе избираат меѓу Дејан Митески од ВМРО-ДПМНЕ и Александар Трајановски од СДСМ. Во Брвеница ќе се натпреваруваат Јовица Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ и Хаќим Рамадани од Вреди, а во Валандово ќе гласаат за Ѓоко Камчев од ВМРО-ДПМНЕ или Перо Костадинов од СДСМ. Во Виница, изборот е меѓу Митко Костадиновски од ВМРО-ДПМНЕ и Гоце Милевски од СДСМ.
Во Дебарца во вториот круг ќе се натпреваруваат Златко Силјановски од ВМРО-ДПМНЕ и Зоран Ногачески од група избирачи. Демир Капија ќе избира меѓу Наталија Димитриева од ВМРО-ДПМНЕ и Лазар Петров од СДСМ, а во Дојран ќе се соочат Илија Тентов од ВМРО-ДПМНЕ и Ристо Џинев од СДСМ. Во Зрновци кандидатите се Борчо Коцев од ВМРО-ДПМНЕ и Панчо Митев од СДСМ. Во Карпош вториот круг ќе го одредат Сотир Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ и Стевчо Јакимовски од коалицијата Искуство за успех.

Во Кичево граѓаните ќе избираат меѓу Александар Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ и Фатмир Дехари од НАИ. Во Конче ќе се соочат Златко Ристов од ВМРО-ДПМНЕ и Благој Илиев од СДСМ, а во Кочани – Влатко Грозданов од ВМРО-ДПМНЕ и Венко Крстевски од група избирачи. Македонска Каменица ќе избира меѓу Димчо Атанасовски од ВМРО-ДПМНЕ и Соња Стаменкова од СДСМ, додека во Македонски Брод ќе се натпреваруваат Жарко Ристески од ВМРО-ДПМНЕ и Милосим Војнески од група избирачи.
Во Могила вториот круг ќе го одредат Драганчо Саботковски од ВМРО-ДПМНЕ и Сашо Пивковски од група избирачи. Во Неготино ќе се соочат Марија Нацева од ВМРО-ДПМНЕ и Петар Мантев од СДСМ, а во Пробиштип – Тони Тоневски од ВМРО-ДПМНЕ и Драган Анастасов од СДСМ. Во Ранковце изборот е меѓу Даниел Павловски од ВМРО-ДПМНЕ и Даниел Крстевски од СДСМ, додека во Чешиново-Облешево ќе гласаат за Јорданчо Костадинов од ВМРО-ДПМНЕ или Горанчо Крстев од СДСМ.
Во Боговиње вториот круг ќе го одредат Фети Абази од Вреди и Бесник Емши од НАИ. Во Дебар ќе се соочат Фисник Мела од Вреди и Рамадан Имери од група избирачи. Во Долнени изборот е меѓу Блерим Ислјами од Вреди и Сашко Велјаноски од ВМРО-ДПМНЕ. Во Тетово ќе гласаат за Билјал Касами од Вреди или Бајрам Реџепи од НАИ.
Во Крушево кандидати се Томе Христоски од СДСМ и Нико Чонески од ВМРО-ДПМНЕ. Во Лозово ќе се натпреваруваат Ацо Велковски од СДСМ и Бошко Цветковски од ВМРО-ДПМНЕ, а во Росоман – Стојан Николов од СДСМ и Ѓорѓи Крстевски од ВМРО-ДПМНЕ. Во Центар вториот круг ќе го одредат Горан Герасимовски од СДСМ и Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ, додека во Чучер Сандево ќе се соочат Сашко Комненовиќ од СДСМ и Јован Пејковски од ВМРО-ДПМНЕ.
Во Струга изборот е меѓу Менди Ќура од група избирачи и Арсим Далипи од НАИ. Во Шуто Оризари ќе гласаат за Курто Дудуш од Унијата на Роми или Ерџан Демир од ВМРО-ДПМНЕ. Во Куманово вториот круг ќе го одредат Максим Димитриевски од ЗНАМ и Горан Стојковски од група избирачи, а во Студеничани – Азем Садики од група избирачи и Ејуп Абази од НАИ.
Повторување на првиот круг поради недоволен цензус ќе има во Маврово и Ростуше, каде што ќе се соочат Онер Јакупоски (ВМРО-ДПМНЕ) и Анес Ахмети (СДСМ), потоа во Врапчиште, каде што за градоначалничко место се борат Исен Шабани (НАИ) и Мехмет Сефери (ВЛЕН), и во Центар Жупа, каде што е неизвесно помеѓу Аријан Ибраим (ДПТМ) и Инает Баки (Партија за движење на Турците во Македонија).
Во општината Старо Нагоричане, кандидатот Мирослав Славковски од ВМРО-ДПМНЕ освои точно 50 проценти од преброени 99,83 отсто од гласовите и засега е неизвесно дали ќе биде избран во првиот или ќе оди во втор круг со второпласираниот Далибор Трајковски од СДСМ, кој има 23,95 проценти. Вториот круг од изборите ќе биде одржан на 2 ноември. П.Р.


Избрани 44 градоначалници, втор круг ќе има во 33 општини

Градоначалници беа избрани во 44 општини во првиот круг од локалните избори, додека во 33 општини ќе се гласа во втор круг. Во три општини ќе се повтори првиот круг поради недоволен цензус.
Според податоците на Државната изборна комисија, градоначалници во прв круг се избрани во Берово, Битола, Босилово, Бутел, Василево, Вевчани, Велес, Гази Баба, Гевгелија, Ѓорче Петров, Градско, Делчево, Демир Хисар, Зелениково, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Кратово, Новаци, Ново Село, Охрид, Петровец, Пехчево, Прилеп, Радовиш, Ресен, Свети Николе, Сопиште, Струмица, Штип, Арачиново, Желино, Сарај, Теарце, Чаир, Богданци, Крива Паланка, Кривогаштани, Гостивар, Липково, Пласница, Чашка
Општините каде што ќе се гласа во втор круг се Аеродром, Брвеница, Валандово, Виница, Дебарца, Демир Капија, Дојран, Зрновци, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Чешиново-Облешево, Боговиње, Дебар, Долнени, Тетово, Крушево, Лозово, Росоман, Центар, Чучер Сандево, Струга, Шуто Оризари, Куманово, Студеничани, Град Скопје
Повторување на првиот круг на избори поради недоволен цензус ќе има во Маврово и Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа. Во Старо Нагоричане сѐ уште е неизвесно дали ќе има втор круг, бидејќи кандидатот што предводи засега има освоено 50 проценти. П.Р.


Ѓорѓиевски и Мециновиќ во трка за градоначалничката функција во Скопје

Во Скопје ќе има втор круг локални избори, а идниот градоначалник ќе се избира меѓу Орце Ѓорѓиевски од коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ и кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, кои освоија најголем број гласови во првиот изборен круг.
Според податоците на Државната изборна комисија, по преброени 99,92 отсто од гласовите, за Ѓорѓиевски гласале 91.582 скопјани или 39,43 отсто, а за Мециновиќ 30.659 или 13,2 отсто. Зад нив следуваат Башким Бакиу од Вреди со 27.864 гласа (12 отсто), Каја Шукова од СДСМ со 26.714 (11,5) и Скендер Реџепи од НАИ со 26.062 (12,22).
Втор изборен круг е извесен и во скопската општина Аеродром, каде што кандидатот Дејан Митевски од ВМРО-ДПМНЕ освои 49,09 отсто од гласовите, пред кандидатот на СДСМ, Александар Трајановски, кој има 20,79 отсто. Во Бутел, во прв круг победи досегашниот градоначалник Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој има 52,96 отсто пред Исамедин Азизи од НАИ со 28,17 проценти.
И во Гази Баба, досегашниот градоначалник Бобан Стефковски од ВМРО-ДПМНЕ победи во првиот круг со 58,42 отсто, пред Влатко Митовски од СДСМ со 18 отсто.
Кандидатот Александар Стојковски од ВМРО-ДПМНЕ со 55,73 проценти повторно е избран за градоначалник на Ѓорче Петров, а неговиот противкандидат од СДСМ, Костадин Ацевски, освои 18,37 проценти.
Во Карпош ќе има втор круг. Сотир Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ освои 34,51 отсто, пред Стевчо Јакимовски од ГРОМ има 29,4 отсто. Во Кисела Вода, Бети Стаменковска Трајковска од ВМРО-ДПМНЕ е избрана во првиот круг со поддршка од 57,36 проценти, пред Јане Ацевски од Левица, кој има 16,81 отсто.
Во Центар, градоначалник ќе се избира во вториот круг, а ќе се гласа за Горан Герасимовски од СДСМ со 38,21 отсто и за Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ, кој освои 25,53 проценти. Во Сарај, во првиот круг победи Мухамет Елмази од Вреди со 50,28 отсто, пред Блерант Рамадани од НАИ со 47,55 проценти. Изет Меџити од Вреди ќе биде нов градоначалник на Чаир со поддршка од 51,82 отсто, додека Бујар Османи од НАИ освои 40,39 проценти.
Во Шуто Оризари, во втор круг одат Курто Дудуш од Унија на Ромите со 36,57 отсто и Ерџан Демир од ВМРО-ДПМНЕ со освоени 20,69 проценти. П.Р.


Во изборот за советнички листи

Најмногу гласови за ВМРО-ДПМНЕ, потоа следуваат СДСМ, НАИ, Вреди, Левица и ЗНАМ

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ освои најголем број гласови за советници на вчерашните локални избори, според првичните неофицијални податоци од Државната изборна комисија (ДИК). ВМРО-ДПМНЕ добила поддршка од 301.919 гласачи, додека опозицискиот СДСМ освои 125.824 гласа. На третото место е коалицијата Национална алијанса за интеграција (НАИ), предводена од ДУИ, со над 114.246 гласа, додека коалицијата Вреди добила околу 91.242 гласа. Левица добила поддршка од 57.063 гласачи, а партијата ЗНАМ 38.421. Коалицијата Искуство за успех (ГРОМ, ЛДП, Интегра, ПЦЕР) освоила 13.000 гласа.
Според резултатите објавени на веб-страницата на ДИК, обработени се 3.471 од вкупно 3.474 избирачки места, што претставува 99,91 отсто од вкупниот број. Според податоците на ДИК, на изборите гласале вкупно 883.937 граѓани, од кои 833.984 ливчиња се важечки, а 49.957 се неважечки. Одзивот изнесува 48,29 отсто. П.Р.


Одзивот за првпат нема да надмине 50 отсто во првиот круг?

Одзивот на осмите локални избори за градоначалници и советници, според податоците на ДИК, за првпат нема да надмине 50 проценти во првиот круг, откако одзивот забележан завчера најверојатно ќе биде најмал досега со 48,29 отсто, според обработени 99,94 отсто од гласовите од 3.472 избирачки места од вкупно 3.474.
Најголем одзив во првиот круг на изборите за градоначалници во земјава имало на локалните избори во 2013 година – 67 отсто, по што таа е во постојан пад, на 60 отсто на локалните избори во 2017 и на 50,57 отсто во 2021 година. Одзивот во вториот круг на локалните избори генерално секогаш е помал, споредено со првиот круг.
На овие избори во три општини не беше постигнат потребниот цензус на одзив од над една третина од запишаните избирачи, и тоа во Центар Жупа, Маврово и Ростуше и во Врапчиште.
За споредба, на првите локални избори во независна Македонија одржани на 17 ноември 1996 година одзивот на гласачите во првиот круг беше 60 проценти, а во вториот круг 51 процент. На вторите локални избори одржани на 10 септември 2000 година, одзивот во првиот круг беше 59 проценти, а во вториот круг 53 отсто. На третите локални избори одржани на 13 и 27 март 2005 година, први по новата територијална распределба и намалувањето на бројот на општините, одзивот во првиот круг беше 56,36 проценти, а во вториот круг 53,66 отсто. На четвртите локални избори одржани на 22 март 2009 година одзивот во првиот круг беше 57 проценти, а во вториот круг 43 отсто. На петтите локални избори одржани на 24 март 2013 година одзивот во првиот круг беше 67 проценти, а во вториот 65 отсто. На шестите локални одржани на 15 октомври 2017 година одзивот во првиот круг беше 60 проценти, а во вториот круг 52 отсто. На седмите локални избори одржани на 17 и 31 октомври 2021 година одзивот во првиот круг бил 50,57 проценти, а во вториот круг 50,69 проценти.
Најмногу кандидати за градоначалници – 683, имало на првите локални избори во 1996 година, а најмалку на локалните избори 2017 година – 257 кандидати за градоначалници. Бројот на кандидати за градоначалници се движи од 323 во 2000 година, 350 во 2013, 364 во 2009 и 379 на изборите во 2005 година.
Важно е да се напомене дека Државната изборна комисија (ДИК) до 2006 година не постоела како посебен орган и се формирала пред секои избори, па нема објавено целосни резултати или финален извештај за дел од првите три циклуси локални избори во Македонија. П.Р.