ШАХ – ЕВРОПСКИ КЛУПСКИ КУП
- Најдоброрангираните екипи, меѓу кои е и македонскиот шампион Алкалоид, почнаа со убедливи победи на турнирот, кој има само седум кола
Првото коло на Европскиот клупски куп (ЕКК) во шах донесе очекуван резултатски расплет, при што најдоброрангираните екипи, меѓу кои е и македонскиот шампион Алкалоид, почнаа со убедливи победи на турнирот, кој има само седум кола, а на крајот ќе го даде новиот клупски првак на Европа. За овој настап на Родос (Грција) екипата имаше две промени во однос на тимот од 2024 година, и тоа на петтата и на шестата табла, каде што настапија ВМ Абиманју Пураник и ИМ Тони Лазов, при што обајцата имаа успешно деби со освојување цел поен. Очите на македонската шаховска јавност го следеа последниот македонски државен шампион Тони Лазов (2.382 рејтинг-поени), кој лани освои сребрен медал на Шаховската олимпијада во Унгарија, а сега, со црните фигури против Албан Красниќи (2.131) одлично се снајде во позиција со кралско фијанкето, во ситуација кога неговиот противник се обиде да импровизира со нестандарден план, при временската контрола на 40. потег, противникот се обиде со драматичен и ризичен потег да направи пресврт, но Лазов, со манир на искусен борец, ги неутрализира заканите, па противникот се предаде, пишува ШК Алкалоид.
Противничкиот тим Дарданија од Косово успеа да даде отпор само на првата табла, каде што ВМ Арјун Еригаиси (2.773) го подели поенот со ИМ Ндерим Сарачи (2.445), кој се бранеше со руска одбрана. Од втората до четвртата табла се играа сицилијанки, при што ВМ Ји Веи (2.754) со црни фигури брилираше во најдорфовата варијанта против ФМ Матеу Бочи (2.186), додека, пак, на третата табла Јангји Ју (2.720) играше т.н. бела сицилијанка, при што во долга борба со Кораб Сарачи (2.197) покажа класа и надмоќ, пишува ШК Алкалоид. ВМ Читамбарам Аравинд (2.711) на четвртата табла играше трпеливо, постепено подобрувајќи ја позицијата против ФМ Ардијан Јашари (2.166), и на крајот освои цел поен. Единствената партија што беше решена пред играта да влезе во завршницата беше онаа на петтата табла, каде што ВМ Абиманју Пураник (2.615) спроведе офанзивен напад во англиско отворање, по што со школска тактичка жртва на скокач на полето ф5 стигна до триумф против Арменд Будима (2.169).
ШК Алкалоид е второрангиран тим според рејтингот (2.701) и заедно со другите тимови од првата петорка се смета за еден од фаворитите во борбата за медалите. Најдоброрангираниот клуб Бајеган Пендик, во првото коло славеше со 5-1 (две ремија), додека романскиот Супер Чес, унгарскиот Нагиканжаи и чешкиот Нови Бор (кој е бранител на титулата од лани) имаа убедливи победи со по 6-0.
На турнирот играат 102 екипи, а по првото коло 48 од нив се на делба на првото место со по два бода. Во согласност со швајцарскиот систем на натпреварување, во втората рунда ШК Алкалоид ќе игра со домашната екипа Ипотис Родос, информираат од Алкалоид. Г.И.
Победа на шахистките на Центар АСЕЕ, пораз на Гостивар
Во женска конкуренција на 29. Европскиот клупски куп (ЕКК) на Родос (Грција), Центар АСЕЕ од Скопје (2.129, рангиран деветти пред почетокот на ЕКК) забележа победа со 3-1 над грчкиот клуб Ипотис Родос (1.768, рангиран 19-ти) и моментно е деветти со два бода (три поени по табли). Победи остварија ЖВМ Викторија Радева (2.292), Драгана Николовска (1.899) и Катерина Петровска (1.879), а загуби ЖФМ Ивана Манова (2010) на втората табла. Во второто вчерашно коло, Центар АСЕЕ играше со силниот романски клуб Суперчес (2.421, рангиран четврти).
Вториот женски македонски претставник на ЕКК, Гостивар (1.999, рангиран 14-ти), загуби од Суперчес со 0,5-3,5 и моментно е без екипни бодови, а со половина поен по табли. Единствено ремизира на првата табла ЖИМ Љиља Дрљевиќ (2.063) против ИМ Динара Вагнер (2.410). Во второто коло Гостивар ќе игра со Ипотис Родос, односно македонските женски клубови само ги сменија противниците во следното коло.
Во Скопје во 2015 година, женскиот клуб од Скопје Гамбит Асеко СЕЕ го освои сребрениот медал. Титулата од ЕКК 2024 ја брани словенечкиот клуб Тајфун. Г.И.