КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2026 ЗА РАКОМЕТАРКИ
- Македонија загуби од Словенија со 20-28, во Битола, во второто коло од групата три. На ЕП 2026 ќе се пласираат двете првопласирани селекции од шесте квалификациски групи и четирите најдобри меѓу третопласираните. Македонија моментално е трета меѓу третопласираните, по Португалија и Украина
Женската ракометна репрезентација на Македонија го претрпе и вториот пораз, овој пат со 20-28, на домашен терен, во Битола, од Словенија, во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) в година во Полска, Романија, Чешка, Словачка и во Турција.
– Ние сме со подмладен тим, а знаеме дека Словенија и Германија се велесили, па мораме да работиме повеќе на теренот. Ќе бараме победи против Белгија и се надеваме дека преку овие мечеви ќе обезбедиме пласман на Европското првенство – вели македонскиот селектор Кристијан Грчевски.
Првично водеше Словенија, а Македонија го презеде водството во средината на првиот дел. Голманите беа тие што избија во преден план. Во првиот дел Драгана Петковска одбрани девет удари (42,9 отсто успешност), а Маја Војновиќ имаше осум (44,4 отсто), која на крајот заврши со 14 и остана над 40 отсто. Првата разлика од три гола Словенија ја оствари во 43. минута (20-17), а резултатот потоа полека растеше. Најефикасна кај Македонките беше средниот бек Ивана Арсениевска со четири гола, а кај гостинките средниот бек Нуса Фегиќ со шест погодока. Следниот меч Македонија ќе го игра на гости, на 4 март 2026 година, со Белгија, а Словенија истиот ден ќе ја пречека Германија.
Второто коло од квалификациите за ЕП 2026 се комплетира во неделата, со 10 натпревари на кои позициите на табелите во групите почнаа да се обликуваат. Досега вкупно 11 селекции остварија по две победи. Натпреварите ќе продолжат во март в година.
Португалија и Исланд одиграа драматичен меч, во кој Исланд повторно претрпе тесен пораз (25-26), а Португалија ги освои своите први бодови. Белгија, Литванија, Финска и Израел беа ограничени само на седум гола во првите полувремиња од нивните дуели во второто коло. Неле Антонисен постигна повеќе од половина (вкупно 11 од 22 шута) од 21-от гол за Белгија, но таа селекција претрпе пораз од Германија со 21-40, во групата три. Шведска постигна најмногу голови во ова коло (41) во победата на дуелот со Литванија. По ова коло, Холандија има најмногу постигнати погодоци (81), а Франција прими најмалку голови (27) и има најдобра гол-разлика (плус 48).
На Европското првенство во 2026 година ќе се пласираат двете првопласирани селекции од шесте квалификациски групи, како и четирите најдобри меѓу третопласираните репрезентации. Македонија моментално е на третата позиција меѓу третопласираните, по Португалија и Украина. Г.И.
ГРУПА 3
Македонија – Словенија 20-28
Белгија – Германија 21-40
ТАБЕЛА
Германија 2 2 0 0 74-39 4
Словенија 2 2 0 0 57-42 4
Македонија 2 0 0 2 38-62 0
Белгија 2 0 0 2 43-69 0
Идно коло (4.3.2026): Белгија – Македонија, Словенија – Германија.