Ракета „томахавк“

Вашингтон би можел да ѝ обезбеди на Украина само од 20 до 50 ракети „томахавк“, што нема значајно да ја промени динамиката на конфликтот

  • Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, истакна дека ракувањето со овие ракети ќе бара директно учество на американски воени експерти, со оглед на сложеноста на системот, а токму тоа отвора нова низа прашања и недоумици за ставање крај на војната во Украина

Официјален Киев во последно време перманентно го повторува барањето до Вашингтон да испорача еден вид оружје, за кое се надева дека би можело да помогне и да направи „перипетија на бојното поле“ во корист на Украина – со ракетите „томахавк“.
Во еден таков контекст, американскиот претседател Доналд Трамп дури изјави дека доколку оваа војна не се реши наскоро, тој навистина ќе испрати – „томахавки“.
За потсетување, ракетите „томахавк“ чинат по 1,3 милион долари и имаат дострел до 2.500 километри (верзија со најдолг дострел). Тој дострел, теоретски, би ѝ овозможил на Украина да нападне длабоко на руска територија, вклучувајќи ја Москва, но и рафинерии, фабрики и складишта за оружје во азискиот дел на Русија.

Воениот експерт Стејси Петиџон тврди дека САД можат да ѝ отстапат на Украина само од 20 до 50 ракети „томахавк“

Но интересна изјава издвојуваме за читателите на „Нова Македонија“, во која воен аналитичар за „Фајненшл тајмс“ изјави дека „Белата куќа може да испорача само помеѓу 20 и 50 ракети „томахавк“ во Украина, што би имало „ограничено влијание на бојното поле“.
Имено, експертката консултирана од страна на „Фајненшл тајмс“, Стејси Петиџон, директорка на одбранбената програма во Центарот за нова американска безбедност, беше исклучително децидна во својата изјава дека Вашингтон би можел да ѝ обезбеди на Украина од 20 до 50 ракети „томахавк“, нагласувајќи дека таквата испорака „нема решително да ја промени динамиката“ на конфликтот.
Натаму, според Марк Канчијано, поранешен функционер на Пентагон и сегашен аналитичар во Центарот за стратешки и меѓународни студии (ЦСИС), САД имаат околу 4.150 ракети „томахавк“. И според други експерти за одбрана, од вкупниот број резерви на споменатите ракети, САД би можеле да испорачаат само мал број ракети за Украина. Од 200-те ракети што Пентагон ги набави од 2022 година, повеќе од 120 се веќе испукани. Во буџетот за 2026 година, Министерството за одбрана бара средства за купување само уште 57 ракети „томахавк“. Вашингтон, забележува „Фајненшл тајмс“, веројатно ќе задржи дел од ракетите за „евентуални напади врз цели во Венецуела“.
Како одговор на информациите за можен трансфер на ракетите „томахавк“, рускиот претседател Владимир Путин рече дека одговорот на Москва „ќе биде зајакнување на воздушната одбрана на Руската Федерација“.

Отворено прашање е колку бројката од 50 ракети „томахавк“ би значела предност за украинската армија?!

„Томахавкот“ е крстосувачка ракета со низок лет што користи системи за навигација и прикривање на теренот за да ја намали веројатноста за рано откривање. Ова им отежнува на радарските системи и сензорите со долг дострел да ја детектираат навреме. Сепак, новите радари и системи за воздушна одбрана се усовршуваат со децении за да можат да го детектираат и да го отстранат тој вид оружје од небото. Според воените аналитичари, советските и руските системи соборија некои ракети „томахавк“ во Првата заливска војна (1991) и во Сирија во 2018 година. Сепак, и ракетите „томахавк“ исто така континуирано се модернизираат. Со оглед на тоа што е познато дека американската морнарица испратила десетици ракети „томахавк“ во нападите (на пр. на 14 април 2018 година, дури 66 врз Дамаск и Хомс) за да ја совлада воздушната одбрана, прашање е колку бројката од 50 ракети „томахавк“ би значела за целата украинска армија?! Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, истакна дека ракувањето со овие ракети веројатно би барало директно учество на американски воени експерти, со оглед на сложеноста на системот, а тоа отвора нова низа прашања и недоумици за ставање крај на војната во Украина. Р.С.


Предупредување на претседателот на Белорусија до претседателот на САД:

Ако му го предадете „томахавкот“ на Киев, ќе настане хаос

Белорускиот претседател Александар Лукашенко упати предупредување во јавноста, преку медиумите, до претседателот на САД, Доналд Трамп, дека „испораката на крстосувачки ракети ’томахавк‘ за Украина од страна на Соединетите Американски Држави би значела нуклеарна војна“.
– „Томахавките“ нема да го решат проблемот. Тие ќе ја ескалираат ситуацијата во нуклеарна војна. Можеби Доналд Трамп го разбира ова подобро од кој било друг, бидејќи не брза да го предаде ова смртоносно оружје за длабински напади на руска територија, на што смета претседателот Зеленски – апелираше белорускиот претседател Лукашенко од Минск. Р.С.