КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2026 ЗА РАКОМЕТАРКИ
- Германија учествувала на сите 16 ЕП, а второто место на првото издание во 1994 година е нејзин најдобар резултат. Македонија седум пати учествуваше на ЕП, а најдобар пласман оствари во 2008 година, кога беше седма. Вечерашниот меч на двете селекции е прв по 11 години
Четириесет и еден ден пред првиот натпревар од домашното Светско првенство (СП) против Исланд на 26 ноември во Штутгарт, женската репрезентација на Германија денеска ја почнува својата квалификациска кампања за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2026 година, против избраничките на македонскиот селектор Кристијан Грчевски, во Гумерсбах (од 19.30 часот). Тоа е меч од групата три, во која се и Словенија и Белгија.
Досега Македонија и Германија се соочиле девет пати, Германија победила на осум меча, Македонија на една средба. Деветтиот меч беше во квалификациите за ЕП 2014, кога Германија победи со 23-21 и со 31-16, потсетува Европската ракометна федерација (ЕХФ).
Според информациите од германските медиуми, еден ден пред дуелот биле продадени околу 2.000 билети. Левораката Нина Енгел (22) поради повреда на стапалото и центарот Јолина Хуншток поради настинка нема да бидат во составот. На местото на Енгел е десното крило Луиза Шерер (24). Еме фон Переира и Аника Лот исто така имаат полесни повреди и уште не е јасно дали ќе можат да учествуваат во овие квалификации, спoред тамошните информации.
Германија учествувала на сите 16 ЕП, а второто место на првото издание во 1994 година е нејзин најдобар резултат. Германките беа седми на претходните три ЕП (во 2020, 2022 и во 2024 година). Македонија седум пати учествуваше на ЕП, а најдобар пласман ѝ беше седмото место во 2008 година. На ЕП 2024 Македонија беше на 18. место, а Германија на седмото.
На ЕП 2026 ќе играат првопласираните две селекции од шесте квалификациски групи и четирите најдобри меѓу третопласираните. Г.И.