Фото: ЕПА

Од вчера воведен новиот дигитален граничен систем за влез во шенген-зоната (ЕЕС)

  • Воведувањето на ЕЕС веројатно ќе го продолжи времетраењето на контролите на патните премини, особено за патниците што првпат влегуваат во системот, кои мора да излезат од своите возила за да креираат ЕЕС-датотека и да го потврдат својот идентитет. Но, сепак, надежта е дека многу скоро „времето на чекање ќе се намали откако системот ќе стане рутински“ и поголем број патници ќе добијат лични ЕЕС-датотеки

Со електронско регистрирање на податоците на државјаните на трети земји што не се дел од Европската Унија, кога ги преминуваат надворешните шенгенски граници за престој до 90 дена, вчера почна постепеното воведување на новиот дигитален систем за влез/излез (ЕЕС) на граничните премини на 29 земји членки на шенген-зоната, како и во Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија, додека Република Ирска и Кипар не се дел од системот.

Хрватска воведува мерки за олеснување на влезот во државата за патници од трети земји

Во Хрватска се смета дека воведувањето на ЕЕС би можело да предизвика застој на граничните премини со Србија, Босна и Херцеговина и со Црна Гора. Покрај ЕЕС, Хрватска воведува и Национална програма (НПО) за олеснување на влезот за патници од трети земји што често ја преминуваат границата и не претставуваат безбедносен ризик. Учесниците во НПО ќе можат да поминат побрзо бидејќи по повторен влез нема да се врши ново биометриско снимање – системот ќе ја спореди фотографијата од патниот документ со онаа што веќе е зачувана во ЕЕС.
На аеродромите во Загреб, Сплит, Дубровник, Пула, Задар и Риека ќе бидат достапни и пунктови за ЕЕС, наменети за патници што првпат влегуваат во шенген-зоната и кои сè уште немаат ЕЕС-датотека. Постапката вклучува скенирање на патната исправа, земање биометриски податоци за лицето, отпечатоци од прстите и краток прашалник, со поддршка на 15 јазици.

Стравувања од метеж на граничните премини

Воведувањето на ЕЕС веројатно ќе го продолжи времетраењето на контролите на патните премини, особено за патниците што првпат влегуваат во системот, кои мора да излезат од своите возила за да креираат ЕЕС-датотека и да го потврдат својот идентитет. Сепак, се очекува времето на чекање да се намали откако системот ќе стане рутински и поголем број патници ќе добијат лични ЕЕС-датотеки. Иако целта на системот е да се модернизира и зајакне безбедноста, авиокомпаниите и националните власти изразуваат загриженост за можен хаос.
– Авиокомпаниите што опслужуваат големи центри работат со тесни распореди, па дури и неколку минути доцнење на граничните контроли може да ги нарушат врските – предупреди Монсерат Барига од Европската асоцијација на регионални авиокомпании.
Асоцијацијата на аеродроми „АЦИ Европа“ изразува загриженост со месеци.
– Досега е спроведено само делумно тестирање – рече Федерико Бонауди, директор на „АЦИ Европа“.
Тој ги наведе „постојаниот недостиг од персонал на граничната полиција во одредени земји-членки“ и доцното започнување на информативната кампања за патниците како дополнителни проблеми.
Во Франција, водечката туристичка дестинација во светот, исто така постои голема загриженост за функционирањето на ЕЕС.
– Ако утре мораме да ги пропуштиме сите патници на долги релации од Кина преку ЕЕС, тројно ќе се зголеми времето на чекање на границата – истакна анонимен службеник на француското министерство за внатрешни работи.
Франција планира вработување дополнителни 230 граничари за да се справи со дополнителното работно оптоварување.
Британските патници ќе бидат најтешко погодени бидејќи имаат силни транспортни врски со ЕУ, но британските транспортни оператори се уверени дека работите ќе течат непречено.
– Сè е подготвено и тестирано на стотици корисници – порача неодамна Јан Лерише, извршен директор на „Гетлинк“, операторот на Евротунелот што ги поврзува Велика Британија и Франција.
Неговата компанија соопшти дека инвестирала 80 милиони евра за да се приспособи на новиот систем.

Фазно воведување и преоден период

За да се избегнат поголеми проблеми, системот ќе се воведува постепено во текот на шест месеци, што значи дека не сите гранични премини ќе го користат веднаш. За време на овој преоден период, кој ќе трае до 10 април в година, патниците можеби ќе треба да поминат и низ новата регистрација на ЕЕС и низ класичната пасошка контрола. Официјалните лица на ЕУ изјавија дека имплементацијата на ЕЕС може привремено да се суспендира доколку има предолги чекања или технички проблеми.
Земјите членки на шенген-зоната моментално се на различни нивоа на подготвеност. Британски „Индипендент“ објавува дека единствено Естонија, Луксембург и Чешка ќе го имплементираат ЕЕС целосно од првиот ден. Германија ќе го воведе само на аеродромот во Диселдорф, Италија во Рим и во Милано еден ден подоцна, додека Шпанија ќе го тестира системот само на еден лет до Мадрид.
Иако Европската комисија исто така разви апликација за претходна регистрација за да го забрза процесот, досега само Шведска потврди дека ќе ја користи.
– Системот за влез/излез е дигитален ‘рбет на нашата нова заедничка европска рамка за миграција и азил – рече Магнус Брунер, комесар за внатрешни работи и миграција, но останува да се види како системот ќе функционира во пракса.
Практиката на ставање печати во пасошите ќе продолжи во текот на шестмесечниот транзициски период на ЕЕС. Системот електронски ги евидентира времето и местото на влез и излез на државјаните на трети земји со дозвола за краткорочен престој, го пресметува преостанатиот дозволен престој и собира биометриски податоци – фотографија од лицето и отпечатоци од четири прста од десната рака.
Децата под 12 години се ослободени од земање отпечатоци од прсти. При последователните пристигнувања, идентитетот се потврдува со споредување на постојната фотографија од системот со фотографијата од патниот документ, што ја забрзува контролата.
Првично, регистрацијата во ЕЕС ќе биде достапна минимум четири часа на ден, постепено продолжувајќи на 24-часовна апликација во текот на шест месеци. Ќе бидат одредени посебни ЕЕС-ленти за патници од трети земји, но во време на поголем метеж системот ќе работи на сите ленти.

ЕЕС би требало да ја сузбие нелегалната миграција

Новите правила стапуваат во сила речиси една деценија откако ги предложи Европската комисија (ЕК). Притоа, ЕК верува оти „ЕЕС ќе помогне „во спречување на нелегалната миграција и обезбедување на безбедноста на сите што живеат или патуваат во Европа“.
Француското министерство за внатрешни работи смета дека системот ќе помогне и во спречувањето на злоупотребата на визниот систем – на пример, ако лице влегло со туристичка виза што подоцна била претворена во приватна или семејна виза. Министерството нагласува дека ќе се знае и дали лицето на кое му е одбиен азил ја напуштило шенген-зоната.
Целосното спроведување на ЕЕС е услов за почеток на воведување друго правило за влез на државјани од трети земји во ЕУ – Европскиот систем за информации и авторизација за патување (ЕТИАС).
Ова е електронско овластување за влез во шенген-зоната, слично на американскиот ЕСТА-систем, кој треба да се воведе следната година. Пред да пристигнат, државјаните од трети земји ќе треба да пополнат онлајн формулар, да платат 20 евра и да чекаат одобрување. Оние што нема да го сторат тоа нема да можат да се качат на летот и нема да им биде дозволено да влезат во европската зона на слободно движење.
Со ЕЕС се очекува да се обезбедат веродостојни податоци за граничните власти, што ќе им овозможи систематски да откриваат лица што го пречекоруваат дозволениот период за престој, како и случаи на измама со патни документи и идентитет. Според Европската комисија, со целосното автоматизирање на граничните проверки ќе се обезбеди полесно и побезбедно минување на границите за сите.
Со новиот систем ќе се регистрираат податоци за пасошите на државјаните од земји што не се членки на ЕУ, ќе им бидат фотографирани лицата и ќе им бидат земани отпечатоци од прстите при нивното прво преминување на граничните премени по имплементацијата на ЕЕС. При секое наредно преминување ќе биде потребна само брза верификација на нивниот идентитет преку ЕЕС-системот. Н.М.


Препорака до македонските граѓани да се запознаат со новите прописи пред да патуваат во ЕУ

Македонското министерство за внатрешни работи им препорача на сите македонски граѓани што планираат да патуваат во земја од шенген-зоната да се запознаат со новите правила и процедури, со цел да се осигурат дека нивните патувања ќе бидат навремени, безбедни и без непотребни одлагања. МВР преку писмено соопштение на почетокот од месецов ги информира граѓаните за деталите околу воведувањето на ЕЕС.
– При првото патување по воведувањето на системот, патниците ќе поминат низ целосен процес на регистрација, кој вклучува фотографирање, скенирање отпечатоци од прсти и внесување податоци од пасошот. За да се олесни процедурата, на граничните премини ќе има и пунктови за самопослужување, а можно е и претходно предрегистрирање преку мобилни апликации. При следните патувања, контролата ќе биде значително побрза бидејќи податоците веќе ќе бидат складирани во системот и ќе се врши само нивна проверка. Во периодот од октомври 2025 до април 2026 системот ќе се воведува по фази. Тоа значи дека некои од патниците сè уште ќе добиваат печат во пасошите, додека постепено сите гранични премини не преминат на целосна дигитална евиденција. Од 10 април 2026, печатите во пасошите целосно ќе бидат заменети со електронски записи – наведуваат од МВР.
Од Министерството наведуваат дека сите податоци на граѓаните ќе се обработуваат и ќе се чуваат во согласност со строгите стандарди на ЕУ и Општата регулатива за заштита на податоци, а до граѓаните апелираат навремено да се информираат за новите правила и постапки при патувањата во ЕУ. Н.М.

Ангел Митревски, наш дописник од Хрватска