Илустрација: „Нова Македонија“

Целосно уривање на политичкиот кредибилитет на
францускиот претседател: Макрон ја прокоцка довербата
и веќе нема кој да му верува

  • Учесниците во најновото сондирање на француското јавно мислење оценија дека „Макрон е изолиран од народот и далеку од нивните грижи“, оти тој „сака повеќе да се занимава со проблемите во странство“. Сосема точно од гледна точка на Република Македонија и македонскиот народ и сите други македонски граѓани. Кај нас, пак, уште една меѓународна спогодба во негова режија чека да биде фрлена на буништето на историјата

Францускиот претседател Емануел Макрон има рејтинг на одобрување од 14 проценти, сo што го урна сопствениот рекорд на непопуларност: претходно 82 отсто од Французите немаа доверба во него, појасно кажано не сакаа повеќе да им биде претседател. Но, како што објави пред неколку дена францускиот лист „Лез еко“, најновите анкети покажуваат дека (не)популарноста на Макрон се урниса на тоа рамниште што дури 86 отсто од Французите сакаат тој да ја напушти претседателската Елисејска палата. Или, само 14 проценти од Французите веруваат дека тој може ефикасно да ги реши проблемите со кои се соочува Франција. Според „Лез еко“, ова е најниското ниво на доверба на кој било шеф на француската држава, откако се спроведува ваков вид анкета на јавното мислење.

Повеќе се занимава со странските отколку со домашните проблеми, што го почувствува и Македонија

Учесниците во најновото сондирање на француското јавно мислење оценија дека „Макрон е изолиран од народот и далеку од нивните грижи“, оти тој „сака повеќе да се занимава со проблемите во странство“. Сосема точно од гледна точка на Република Македонија и македонскиот народ и сите други македонски граѓани. Директно или индиректно, Макрон продолжува да бара од Македонија „правда за бугарските барања“: по средбата на 9 септември со неговиот поширок и поблизок тим, меѓу кои и специјалниот француски пратеник за Западен Балкан, Рене Троказ, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ја донесе во Македонија „резолуцијата на неговата партија за македонските црвени линии“ – документ што е, де факто, нова француска директива на линија на заложбите на Макрон да се вметне „бугарскиот државотворен народ“ во македонскиот устав. Односно, директива до 10 февруари в година да се спроведат уставните промени во Македонија. Ете, ова го протежира Макрон со сите усилби. Колку и да станува сѐ понепопуларен дома, Макрон во еднаква мера сѐ поупорно и поенергично им го наметнува на Македонците своето „политичко наследство“ – макронизмот, кој зголемен број европски и светски експерти го прогласуваат како „мртов“. „Ако одлучиме да се повлечеме од макронизмот, тоа е како да се откажеме од дел од нашиот идентитет!“, кажа пред неколку дена во својата јавна „тажачка“ Шарл Родвел, пратеник од партијата Ренесанса на Макрон. Сосема е спротивно од македонски аспект: ако Македонците одлучат да ѝ се спротивстават на Макроновата „санстефанска адвокатура за бугарските барања“, тогаш и тие ќе им се придружат на милиони Французи, Европејци, Африканци и други светски народи што сакаат да ја испратат на ѓубриштето на историјата оваа политичка филозофија на мешање во внатрешните работи на другите суверени држави и на понижување на нивните народи!

Се навестува крај на макронизмот

Во анализата со наслов „Дали француските превирања го означуваат крајот на макронизмот?“, објавена во престижниот британски весник „Фајненшел тајмс“ на 11 октомври 2025 година, пишува: „Смртта на макронизмот беше претскажана и претходно. Станува сè појасно дека се ближи кон својот крај речиси деценискиот експеримент на Франција со центристичката политика на Макрон“.
– Ова е крајот на Макрон. Тој ја изгуби сета доверливост кај Французите. Прво ќе го видиме крајот на неговиот политички систем, а потоа и на него како лик – рече советник на десничарската партија Републиканци, која во понеделникот предизвика оставка на премиерот Себастијан Лекорну.
Со оглед на актуелноста на оваа анализа на „Фајненшел тајмс“, „Нова Македонија“ донесува пошироки наводи од неа.
– Што е макронизам? Тоа е либерална економска политика, многу проевропски став, тоа е волја за реформирање на нашата земја. Ако одлучиме да се повлечеме од макронизмот, тоа е како да се откажеме од дел од нашиот идентитет – рече Родвел, пратеник од партијата Ренесанса на Макрон.
Сега центристичкиот сојуз на Макрон од три партии се распаѓа. Во меѓувреме, партијата Национално собрание на Марин Ле Пен се претставува дека е влезена во кондиција на стабилна политичко-партиска сила, подготвена да владее со Франција. На Ле Пен и крајно левичарските опозициски партии, кои долго време бараа оставка од Макрон, оваа недела им се придружи неговиот поранешен премиер и претседателски кандидат Едуар Филип, кој за „Ле фигаро“ изјави дека кризата им се заканува на „авторитетот и стабилноста на државата“. Габриел Атал, уште еден поранешен штитеник на Макрон, чиј премиерски мандат беше прекинат со одлуката на претседателот да распише предвремени парламентарни избори минатата година, рече дека „веќе не ги разбира одлуките на претседателот“. Таборот на Макрон сè уште се надева дека и покрај сите очекувања, ќе се постигне договор. Можеби тоа е најмакронистичката особина од сите: неуморна самодоверба – дури и во услови на историја, пречки, негатори и грешки – дека може да се истапка пат напред. Еден функционер од француската извршна власт посочува: „Макрон нема поим што ќе прави: се движи на слепо. Да се ​​надеваме дека не е Титаник“.
Се наметнува дилемата: колку и да е „омилен“ францускиот претседател кај Македонците, дали би било корисно и потребно, сепак, заради македонската горделивост и дигнитет, нему да му возвратат применувајќи ја контра него самиот токму неговата „најмакронистичка особина од сите: неуморна самодоверба – дури и во услови на пречки и негатори – дека може да се изгради пат напред“?! Наспроти сите пречки и негатори на македонскиот идентитет и јазик, да продолжи македонскиот народ со својата неуморна самодоверба дека може сам да си го трасира својот македонски пат напред?!

Нема повладување на „мртви политики“

Тука потсетуваме дека лично Макрон во јули 2022 година испрати писмо до парламентот и граѓаните на Македонија, во кое ги повикува „да го поддржат францускиот предлог за решавање на спорот со Бугарија, кој го отвора патот за европска интеграција“.
– Францускиот предлог го смета Договорот за добрососедство како основа на европските вредности и потребна е ревизија на Уставот, за да се интегрираат нови заедници во него – нагласи шефот на француската држава, криејќи дека тој им натура на Македонците, всушност, не европски, туку „бугарски вредности“!
А зошто?! Затоа што Бугарија ѝ е на Франција уште од 2008 година, со заемно потпишан договор, стратегиски партнер и најблизок сојузник во Европа во политичка, економска, па дури и во воена смисла. Макрон со години бара „Бугари во устав“, а како претседател би морал да обрнува внимание на фактот дека еден од клучните принципи на Уставот на Франција, донесен во 1958 година, е оти никој од надвор нема право ниту можност да го менува Уставот на оваа европска држава! Анализата на највисокиот правно-политички акт на француската држава покажува дека „Уставот е прашање на националниот суверенитет и оти тој може да биде менуван само од францускиот народ и неговите избрани претставници,во согласност со членот 3 и со примена на специјална постапка, разработена во членот 89 од Уставот на Франција“. Соодветно на француските остри уставни одредби, дали не е македонскиот устав прашање на националниот суверенитет на македонскиот народ? Зошто спротивно на темелните принципи на нивниот француски устав, Макрон го гази националниот суверенитет на македонскиот народ и наложува менување на македонскиот устав со години, барајќи во него да се вметнат фантомските „државотворни Бугари“, што би водело кон распад на Македонија?
Информативниот портал „Бриселски сигнал“ на 11 септември 2025 година ја објави колумната на д-р Хенри Олсен со индикативен наслов „Макрон сè уште не разбира: цела Франција се согласува дека макронизмот мора да исчезне“. „Макрон продолжува да го негира единственото нешто за кое се согласува поделената Франција: макронизмот мора да исчезне. Тој е политичка верзија на ликот на Брус Вилис од класичниот филм ‘Шесто сетило’: Макрон е веќе политички мртов, но тој сѐ уште не го знае тоа“, нагласува американскиот политички коментатор д-р Хенри Олсен, кој е и предавач по политика и владеење во Факултетот за владеење „Ван Андел“ при универзитетскиот колеџ „Хилсдејл“ во Вашингтон, САД.
Штом низ Европа, па и отаде океанот го прогласуваат Макрон за „политички мртовец, кој оди“, чие „политичко наследство“ макронизмот „мора да исчезне“, чуму па ние, Македонците, би морале да му се поклонуваме и да го запазуваме?! Зошто да „вирее“ макронизмот и во Македонија?
Ставајќи ги својата македонска свест и интересите на својата татковина Македонија над сѐ друго, Македонците треба многу јасно и гласно да му порачаат на Макрон: оти мора секогаш да нѐ прашуваат и нас како народ за сите прашања што нѐ засегаат нас и нашите соседи, а не сѐ да се завршува само со тајни договарања и спогодувања меѓу Бугарија и Франција, меѓу Бугарија и ЕУ и другите центри на меѓународната моќ, спротивно на македонските државно-национални интереси.

Свето Тоевски