ШАХ – МЛАДИНСКО СП 2025
- Во седмото коло само таа ремизира и заедно со ФМ Антон Златков имаат по четири поени
Женскиот ФИДЕ-мајстор (ЖФМ) Моника Жежовска е единствената од шесте македонски претставници со освоен половина поен во седмото коло на Светското првенство (СП) за младинци во шах, во возрасните категории до 14, 16 и до 18 години за момчиња и за девојчиња во Драч (Албанија). Жежовска (рејтинг 1.966, рангирана 29-та пред почетокот на СП 2025) во категоријата шахистки до 18 години со црни фигури ремизира со Индијката Дагарија Чера, што ѝ донесе нови 8,4 рејтинг-поени или досега има вкупно 81,2, што е одличен скор.
Со четири поени (три победи, две ремија и два пораза), таа е на 24-то место, со играчки перформанс од 2.228 рејтинг-поени. Притоа таа играше со четири ЖИМ и еден ЖФМ.
Ист број поени има и репрезентативецот ФМ Антон Златков (2.351, рангиран 33-ти) во категоријата до 18 години, кој во ова коло со црни фигури загуби од полскиот ИМ Јакуб Семан (2.500) и моментно е на 33. место. Во категоријата до 16 години Мајкл Бурнс (2.131, 68-от) со бели фигури загуби од Канаѓанецот Даниел Жанг (1.976, 99-от), и е 110-ти со 2,5 поена, а Делфина Огњановска (1.610, 97-та) е поразена од Италијанката Амалија Манко (1.887, 62-та) и со еден поен е на 101. место. Во категоријата до 14 години, Даниел Стефаноски (1.833, 112-от) со црни фигури загуби од Германецот Феликс Стефанблом (2.154, 48-от), па со 2,5 поени е 111-ти, а Елисавета Бурнс со црни фигури загуби од Алжирката Тинхинане Исконен (1,661, 88-та) и со два поена е на 92-то место.
На СП 2025, кое се игра во 11 кола, во сите категории играат вкупно 719 младинци (четири ВМ, 23 ИМ, 16 ЖИМ, 108 ФМ, 49 ЖФМ) од 83 држави. Г.И.