Фото: Пиксабеј

Добитникот на Нобеловата награда за мир за 2025 година ќе биде објавен денеска во 11 часот во Норвешка, а во фокусот на светските медиуми е желбата на американскиот претседател Доналд Трамп токму тој да биде добитник на ова признание, пренесува Ројтерс.

Вкупно 338 поединци и организации се номинирани годинава за Нобеловата награда за мир, меѓу нив и Трамп.

Трамп и неговата администрација повеќе од еднаш јасно ставија до знаење дека мислат дека американскиот претседател ја заслужува наградата. Ја освоиле четворица негови претходници – Барак Обама во 2009 година, Џими Картер во 2002, Вудро Вилсон во 1919 и Теодор Рузвелт во 1906 година. Сите, освен Картер, ја добиле наградата додека биле на функција, а Обама бил прогласен за лауреат помалку од осум месеци по стапувањето на должност, што, како што се наведува, е иста позиција во која моментално се наоѓа Трамп.