Фото: Пиксабеј

 Во Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да биде објавена пресудата против три лица за кривично дело „загрозување на животната средина и природата со отпад“, со што создале диви депонии на дел од локацијата во Вардариште.

Обвинетите Мајсут Мемиши, Алмир Асани и Флорин Арифи на минатото рочиште признаа вина за стореното дело – загрозување на животната средина и природа со складирање и создавање диви депонии на улицата „Зендел Џемаил“ во Скопје. Нивната одбрана, смета дека нема докази дека пожарите на депонијата биле на местото каде што бил фрлан отпадот на обвинетите.

За делото што им се става на товар на обвинетите предвидената казна затвор е од три месеци до три години.

Основното јавно обвинителство Скопје на 11 септември поднесе обвинение против три лица за кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 став 1 од Кривичниот законик.

-Тројцата обвинети, на ул.„Зендел Џемаил“ во Скопје, од 2020 година до 02.09.2025 година вршеле дејност – откуп на старо железо, метални производи, стари акумулатори и други обоени метали на импровизирани пунктови – отпади, без означена фирма, без да регистрираат правно лице и без да поседуваат соодветна дозвола за вршење дејност за управување со отпад. Согласно обезбедените докази, тие вршеле оставање, фрлање и непрописно транспортирање на отпадот, со што создале диви депонии, кои биле констатирани при настанат пожар на дел од локацијата. Со ваквите незаконити дејствија обвинетите влијаеле врз квалитетот на почвата и воздухот и предизвикале опасност по животот и здравјето на луѓето, стои во обвинението.

Во врска со причините за настанување на пожарот на Вардариште, од ОЈО Скопје тогаш информираа дека се издадени повеќе наредби со цел откривање и на други сторители на кривични дела, како и дека во финална фаза се и вештачењата во однос на сомненијата за загрозување на животната средина со отпадни материи во постапката која се води против сопственичката и неформалниот сопственик на правно лице од Шуто Оризари, кои подолг временски период, спротивно на законските одредби од Законот за управување со отпад и спротивно на прописите за заштита на животната средина, складирале поголемо количество отпадно железо, електронски отпад, делови од стари автомобили, шасии од стари отпадни возила и друго на локација за која немале соодветна дозвола за управување со отпад, а на која на 9 јули беше предизвикан неконтролиран пожар на целата маса од складираниот отпаден материјал, а поради обемот и опасноста пожарот не можеше веднаш да биде ставен под контрола.