ЕП ВО ПАРАСТРЕЛАШТВО ВО ОСИЕК

  • Александар Јовановски погоди 505 круга, кој е негов личен рекорд, и го освои 19-то место во конкуренција на 34 натпреварувачи. Битно е дека на ова ЕП и двајцата ги освоија и ги потврдија минимум нормите за учество на СП 2026, така што идната година порелаксирани ќе тргнеме во подготовки за поуспешен пласман и веднаш да стигнеме до потребната квота за ПОИ 2028, вели селекторот Бранимир Јовановски

На Европското првенство (ЕП) во Осиек (Хрватска) се одржа и дисциплината пукање со воздушен пиштол слободен избор од 50 метри, во која настапија двајцата македонски парастрелци на ова ЕП.
– Оливера Наковска-Бикова со резултат од 531 круг прво се пласира во финалето како четвртопласирана, со ист резултат како и второпласираниот, но со помал број внатрешни погодени центри. Во финалето имаше мала нестабилност и на крајот го освои осмото место. Со оглед на малиот број натпревари годинава, ова ѝ е прв настап, како и промената на пиштолот, оти ѝ се расипа стариот „ТОЗ-35“ на Параолимписките игри во Париз, па сега настапи со „пардини“, ова е задоволителен настап и пласман на Оливера. Александар Јовановски, пак, со резултат од 505 круга, кој е негов личен рекорд, го освои 19. место во конкуренција на 34 натпреварувачи. Овој резултат е над потребната норма за учество на Светското првенство в година во Јужна Кореја – вели тренерот и селектор на македонската парастрелачка репрезентација, Бранимир Јовановски.

Претходно македонската олимпијка Наковска-Бикова, која е носителка на златен медал од Параолимписките игри (ПОИ) во Лондон во 2012 година, во дисциплината пукање со спорт-пиштол од 25 метри, со 559 погодени круга во финалето, за малку не се закити со бронза, го освои четвртото место. На ЕП во Осиек, кое завршува денеска, учествуваа 180 стрелци од 33 држави, а вчера на програмата беше последната дисциплина, пукање со воздушен пиштол од 10 м за мажи и за жени, каде што настапија и двајцата македонски претставници.
– Битно е дека на ова ЕП и двајцата ги освоија и ги потврдија минимум нормите за учество на СП во Јужна Кореја, секој во своите дисциплини, така што идната година порелаксирани ќе тргнеме во подготовки за поуспешен пласман и веднаш да стигнеме до потребната квота за Параолимписките игри во 2028 година. Официјалните квалификации за пласман на ПОИ 2028 во Лос Анџелес ќе почнат идната година со настапот на СП во Јужна Кореја, но потребните квоти уште не се објавени – рече селекторот Јовановски. Г.И.