На 13. „Џифони Македонија“

Шведскиот филм „Престолонаследникот и враќањето на Тиранинот“ од Торд Даниелсон е најдобар кај јуниорите (од шесто до деветто одделение), а рускиот „Од почеток“ од Полина Кондратева е најдобар за кадетите и сениорите (од прва до четврта година средно) на 13. „Џифони Македонија“, кој заврши минатата среда.
По изгледаните филмови во повеќе категории, жирито на фестивалот, кое се состоеше од сите негови учесници, гласаше за наградите на фестивалот. Кај јуниорите, за најдобар краток ученички филм е прогласен „Безвредна борба“ (Combat de merda) од Нико Ферари и Таина Арагонес (Шпанија). Најдобар краток филм е „Метеора“ на Микеле Бучи од Италија.
Во категоријата на кадети и сениори најдобар ученички филм е „Доста е!“ од Јоханес Брандвајнер и Ана Хилтгартнер (Австрија). Најмногу гласови за категоријата краток филм освои „Андромеда“ од Ана Меликјан (Русија). За најдобар анимиран краток филм е прогласен „17 часот“ од Флака Коколи (Македонија / Косово).
Неда Стојановиќ, Јана Петрушевска и Бисера Чоневска се првите учеснички на „Џифони Македонија“ што се избрани за наредното издание на „Џифони експериенс“ во 2026 година.
На последната вечер што се одржа во киното „Фросина“ видовме што креирале учесниците на фестивалот во изминатите денови, на нивните работилници. Мјузикл, фотоизложба, кратки филмови… го видовме раскошниот талент на нашите џифонци, предводени од нивните ментори. Фестивалот се одржа под мотото „Да се стане човек“.
Давиде Русо, директорот за институционална соработка на „Џифони експериенс“, му се заблагодари на тимот на „Џифони Македонија“ за добрата работа.
На годинашниот фестивал Скопје беше домаќин на 400 учесници од Македонија, како и на триесетина од Италија, Швајцарија, Данска, Романија, Србија, Косово и од Црна Гора. Младите учесници од другите земји беа сместени во фамилии на нивните врсници од Скопје.