Како претприемач од Силициумската Долина го привлече вниманието на Пентагон
- Стивен Симони е дел од новата генерација претприемачи што го следат насочувањето на Силициумската Долина кон воените технологии, бидејќи војните во Украина и на Блискиот Исток ја нагласија потребата на САД да се подготват за иднината на војувањето
Сега сум воен моќник, извика Стивен Симони, облечен во тренерка „селин“ од 4.000 долари, раскопчана за да се видат неговите голи гради и сребрен синџир, додека држеше говор на неодамнешната филмска премиера во Ист Вилиџ на Менхетн, шегувајќи се со новинар за својот најнов потфат. Технолошкиот претприемач беше во Њујорк за да гледа документарец што тој го финансираше, за танчарска трупа што, наспроти изгледите, успева да направи претстава во воено разорената Украина.
Не толку одамна 39-годишникот испиша типична приказна за успех од Силициумската Долина, откако ја продаде својата фирма за извршување плаќања на „Дордеш“ (најголема компанија за достава на храна во САД) за 125 милиони долари во 2022 година. Сега тој е коосновач на стартапот „Ален контрол системс“, што создава поинаков производ: автономен митралез со вештачка интелигенција наречен „булфрог“, дизајниран да соборува дронови од небото.
– Иднината во основа е Скајнет. Сакам да ја снабдувам владата со такви производи, за да може да ги користи – рече Симони, осврнувајќи се на измислениот систем со вештачка интелигенција од филмскиот серијал „Терминатор“, кој станува самосвесен и се свртува против човештвото.
Пред неколку години помислата дека Симони ќе стане смел изведувач во индустријата за оружје можеби изгледаше апсурдно. Но тој е на добар пат, со финансирање од 40 милиони долари, неодамна собрани во иницијатива предводена од „Крафт венчрс“ – фирма кооснована од Дејвид Сакс, т.н. цар за вештачка интелигенција на претседателот Доналд Трамп, како и со договори за прототипи со американската армија и со силите за специјални операции.
Симони е дел од новата генерација претприемачи што го следат насочувањето на Силициумската Долина кон воените технологии, бидејќи војните во Украина и Блискиот Исток ја нагласија потребата на САД да се подготват за иднината на војувањето. Користејќи прирачник за кој се залагаат основачот на „Андурил“, Палмер Лаки, и извршниот директор на „Палантир“, Алекс Карп, технолошките претприемачи што некогаш продаваа апликации за потрошувачи сега развиваат роеви беспилотни летала, шпионски сателити, автономни чамци и други смртоносни технологии, со што го привлекуваат вниманието на инвеститорите во ризичен капитал и на Пентагон.
Симони, ветеран од морнарицата, рече дека неговиот лик на „воен моќник“, инспириран од итриот трговец со оружје на Бредли Купер од филмот „Воени кучиња“, е еден ироничен начин на кој тој привлекува внимание кон својата компанија.
– Ја мразам војната, но таа секогаш ќе се случува – нагласува Симони.
Работата на Симони продолжува да привлекува огромно внимание кон неговата компанија. Тој се појави на „Фокс њуз“ како експерт за беспилотни летала, отвори поткаст каде што гостуваа врвни воени функционери и неодамна ѝ се приклучи на фирмата „Форум венчрс“, како партнер за инвестирање во други компании за одбранбена технологија.
Во јуни генералот Џејмс Рејни, командант на „Арми фјучерс“, командата одговорна за модернизација на армијата и стекнување најсовремена технологија, му се придружи на Симони во неговиот неделен поткаст „Ултиматумот за дронови“ за да разговараат за напорите на Пентагон да соработува со Силициумската Долина.
Американската армија соопшти дека е „во процес на доделување договор на „Ален контрол системс“, пред крајот на фискалната година, за да се „оцени потенцијалот на „булфрог“ да се интегрира во постојните армиски платформи“.
Справување со заканата од дронови
„Ален контрол системс“ се обидува да најде решение за постојаната потреба на бојното поле што се појави во Украина: соборување мали евтини дронови од небото пред да можат да нападнат. Притоа се појавија голем број стартапи што нудат разни решенија – од ласерски зраци до микробранови експлозии. Во август министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет, објави дека формира работна група за да се справи со проблемот со дроновите.
– Нема сомнение дека заканите со кои се соочуваме денес од непријателски дронови растат од ден на ден – посочи Хегсет.
Компанијата на Симони го продава својот „булфрог“ со вештачка интелигенција за околу 350.000 долари по парче, како потенцијален додаток на автономни возила и беспилотни чамци, или како стационарно оружје за обезбедување одредени простори, како што се границата меѓу САД и Мексико или воените бази во странство. Направата може да се врти за 400 степени за помалку од секунда.
За време на демонстрацијата за американската армија, разузнавачката заедница и инвеститорите минатиот месец на ранч во Остин, митралезот М240 на „Булфрог“ беше монтиран на заден дел од камионет, истрелувајќи куршуми кон беспилотни летала на небото. Откако испука рафал, еден дрон падна од небото во пламен, но подоцна митралезот се заглави. Симони, сепак, ги отфрли сите грижи и рече дека производот ќе биде готов за премиерно прикажување до крајот на годината.
Освен митралези, „Ален контрол системс“ почна со тестирање прототип на ласерски „заслепувач“, кој може да ги оштети сензорите и инструментите за снимање на беспилотните летала. Симони рече дека компанијата работи и на воздушна верзија на „булфрог“, наречена „Скрџ“.
Тој се надева дека ќе ја однесе компанијата на берза следната година, обложувајќи се дека малопродажните инвеститори ќе бидат заинтересирани за компанија за оружје контролирана од вештачка интелигенција.
Скептицизам за соработката со Силициумската Долина
Симони пораснал во воено семејство во Пенсилванија и ѝ се приклучил на морнарицата како инженер во 2008 година за да работи на нуклеарни реактори. Таму, тој се запознал со колегата инженер и иден коосновач на нивната компанија, Лук Ален. Откако ја напуштил војската, двајцата се преселиле во Силициумската Долина и по повеќе неуспешни потфати создале успешен бизнис. Компанијата првично се мачела да го продаде својот прв производ – роботски систем што доставувал пијалаци до маси во рестораните, но постигнала успех откако се префрлила на софтвер. Набрзо потоа, компанијата била купена од сервисот за достава „Дордеш“, со што основачите се збогатиле.
Некои од познавачите на состојбите сепак остануваат претпазливи во врска со ветувањето на Силициумската Долина за револуционерни технологии на војската.
– Без разлика дали зборувате за стартап за храна или за одбранбена технологија, идејата е да се изнесе прототип во обид да се создаде возбуда. Кога станува збор за системи за одбрана и оружје, неуспехот би можел да биде катастрофален – објаснува Роберто Гонзалез, антрополог на Државниот универзитет во Сан Хозе, кој ја проучува милитаризацијата.
Други во технолошката индустрија, пак, остануваат непријателски настроени кон идејата за склучување договори во индустријата за оружје.