Фото: „Нова Македонија“

АТЛЕТИКА

  • Ќе се натпреваруваат тркачи од 58 држави, во четири дисциплини (маратон, полумаратон, штафетна и трка на пет километри)

Повеќе од 14.000 тркачи од 58 држави се пријавени за 21. издание на традиционалниот Скопски атлетски маратон, кој ќе се одржи утре од осум часот, со почеток спроти Собранието на Република Македонија, во четири дисциплини (маратон, полумаратон, штафетна и трка на пет километри). Во рамките на овој маратон ќе се одржат и Балканско и Национално првенство во маратон.
– Драго ми е што оваа традиционална манифестација се сфати од државата многу посериозно, не само преку финансиската поддршка и покровителството туку и со целата потребна организациска поддршка. Секогаш сум за тоа да се поддржуваат вакви манифестации што промовираат спорт и, што е поважно, од самите спортски резултати се промовираат вистински вредности, кои треба да се втемелени во генот на нашите дечиња. Овој настан е гордост за сите граѓани и е симбол на здрав дух, енергија и спортски вредности. Владата и Министерството за спорт ќе продолжат да им даваат силна поддршка на вакви манифестации, оти тие ја промовираат Македонија во најдобро светло, го поттикнуваат туризмот, ја зголемуваат меѓународната видливост на државата, а наедно инспирираат илјадници млади луѓе да се занимаваат со спорт и да градат здрави навики – изјави министерот за спорт Борко Ристовски на прес-конференцијата пред овој настан.
На 21. издание на Скопскиот маратон, најмасовна останува трката на 5 км, со околу 10.300 учесници, при што третпат во низа доминираат жени, а во маратонската и полумаратонската трка поголем дел од учесниците се мажи.
– Голема благодарност до Министерството за спорт и министерот Ристовски, кои ни беа од огромна помош во решавањето на големите технички проблеми што се појавија. Поради тоа, сакам да го замолам да почне уште отсега да размислува за маратонот следната година, со цел да го направиме уште поуспешен – рече на прес-конференцијата претседателот на Сојуз на спортови-Скопје, Зоран Стојановиќ.
Директорот на Скопски маратон, Кире Синадиновски, изјави дека 21. издание е посебно поради рекордниот интерес и фактот што манифестацијата прераснува во еден од најголемите спортски настани во регионот.
– Со голема гордост можеме да кажеме дека Скопје в недела ќе пулсира во ритамот на спортот и заедништвото, со илјадници тркачи и уште повеќе навивачи низ улиците на градот – рече меѓу другото Синадиновски.
На прес-конференцијата се обрати и Бен Нупнау, заменик на амбасадор на Делегацијата на Европската Унија (ЕУ), кој потенцира дека маратонот е повеќе од спортски настан.
– Ни претставува голема чест што и годинава ќе можеме да го поддржиме Скопскиот маратон. Нашата соработка почна уште во 2007 година, а од 2019 година му даваме поддршка на традиционалниот штафетен маратон. ЕУ не само што му дава институционална поддршка на Скопскиот маратон туку имаме и тркачи од таканаречениот ЕУ-тим, кои ќе учествуваат на маратонот в недела. Скопскиот маратон е мост што ги поврзува луѓето преку спортот и заедништвото. Тој ја носи европската порака за инклузија, еднаквост и солидарност. Чест ни е што ЕУ е дел од оваа приказна, која инспирира и ги сплотува граѓаните – изјави Нупнау.
Јубилејниот 21. Скопски маратон ветува уште едно незаборавно издание, кое ќе ја претвори метрополата во вистински спортски центар, обединувајќи ги натпреварувачите, навивачите и граѓаните во единствена маратонска магија на улиците низ Скопје. Г.И.


„Нова Македонија“ редовен учесник на Скопскиот маратон

По традиција, редакцијата на дневниот весник „Нова Македонија“ и годинава ќе биде дел од Скопскиот атлетски маратон. На најмасовната спортска манифестација во Македонија ќе настапат новинарката Сања Јачевска и ликовно-графичкиот уредник Гоце Цветаноски.
– Повторно ќе бидам дел Скопскиот маратон, деветти пат. Повторно ќе трчам на улиците низ градот, кои веќе си ги чувствувам како моја патека, мој терен, но со адреналин како првпат да застанувам на стартната линија. Можам да подвлечам дека предизвикот дури и се интензивира со годините. Минатата година направив пауза од трчањето, поради најубавата причина на светот, го добив мојот Миха. Годинава можеби не сум во мојата најсилна форма, но тоа ни најмалку не ја намалува мојата желба да дадам сѐ од себе, ниту, пак, радоста што повторно ќе бидам дел од трката. Знам дека секој чекор ќе го чувствувам посебно, не поради резултатот, туку поради патот што ме доведе дотука. Трчањето за мене одамна престана да биде само спорт, тоа ми е слобода, движење што ми носи ментален мир и јасност. Мислам дека во најава е супер временска прогноза, која е еден од клучните фактори за уживање во трката и себенадминување. Си посакувам себеси и на сите учесници исполнета трка, лични победи и километри полни со гордост. Нека Скопски ни биде славење на сѐ што сме вложиле досега – вели Јачевска.
Двајцата ќе настапат во полумаратонската трка.
– Многупати имам учествувано на Скопскиот маратон, искуството секогаш е различно. Колку и да е тешко, на крајот секогаш доаѓа до олеснување, исполнетост и некое смирено задоволство. Добро сум подготвен, константен сум со трчањето, се надевам на добра трка. Немам преголеми очекувања, само знам дека ќе биде убаво патување на улиците низ градот – изјави Цветаноски, кој 16. пат ќе трча на Скопскиот маратон. Г.И.