Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгата „Mystical Macedonia: An Open Air Museum“, објавена на „Амазон“ од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент
- Добре дојдовте во Македонија, земја на волшебни предели, богата историја и уникатни знаменитости. Во овој фељтон ќе ви ги претставиме природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенцијал на Република Македонија
- Не со векови, туку веќе илјадници години Македонија и Македонците се делени, раселувани и прогонувани. На Македонците им било забранувано и да го говорат својот мајчин јазик. Биле протерувани од татковината. Многу владетели се обидувале да наликуваат на македонските кралеви и цареви, но безуспешно. Белосветските музеи се полни со македонски артефакти низ целиот свет. Не се гасне тоа што гори вечно и не се брише свето име
Македонија…
Пред нашата ера постоела големата Македонска Империја. Царштина што се протегала на три континенти и останала запаметена повеќе од два милениума. Споменот за големото Македонско Царство останал и покрај тоа што историските стории ги препишувале многумина, а името Македонија било бришено, преправано и забранувано. Не со векови, туку веќе илјадници години Македонија и Македонците се делени, раселувани и прогонувани. На Македонците им било забранувано и да го говорат својот мајчин јазик. Биле протерувани од татковината. Многу владетели се обидувале да наликуваат на македонските кралеви и цареви, но безуспешно. Белосветските музеи се полни со македонски артефакти низ целиот свет. Не се гасне тоа што гори вечно и не се брише свето име.
Името Македонија… име што предизвикувало страхопочит уште од памтивек. Окупаторите на македонската земја уште пред два милениума се обиделе насилно да ја поделат. Римјаните ја окупирале и поделиле Македонија на четири мериди – области или провинции. Рим градел врз остатоците од славната архитектура на големата Македонска Империја, а уметноста на Римјаните била копија на македонската древна школа. Во Библијата, Македонија е спомената десетици пати, а постојат и толкувања според кои голем дел од библиската приказна се случувала на територијата на Македонија. Историјата ја пишуваат победниците, официјалниот историски наратив од последните векови е создаден со пропагандни намери, но и покрај огромните усилби на европските научници да го променат, изменат и да го избришат името Македонија, тоа останало да живее вечно и да го потсетува човештвото на големото Македонско Царство, кое било организирано од царот Филип Втори Македонски и неговиот син, царот Александар Трети Македонски.
Историчарите од последните векови попусто се обидуваат да ги преиначат историските факти за минатото на Македонците. Историските стории во голема мера се разликуваат од народните сеќавања за македонските владетели. Македонскиот народ знаел и знае за продолжувањето на македонската традиција од пред времињата на царот Јустинијан, па до цар Самуил и по него. И во вековите по Македонското Царство на Самуил, македонските тврдини биле обновувани од кнезови и кралеви што потекнувале од македонски лози.
Доколку внимателно ги читаме трудовите на македонските преродбеници од 19 век, ќе забележиме дека не биле романтичари, како што сакаат да ги нарекуваат некои научници, туку дека се обиделе да остават спомен за вистинската македонска историја, спомен што мораме да го почитуваме. Имало голема причина поради која многумина од нив уште одамна се противеле на германско–нордиската школа на научници, кои манипулативно и пропагандистички, поради државни и геополитички цели, протежирале создавање неколку држави, само не и македонска. Словените не биле склави – робови, туку славен народ што бил писмен и имал своја култура. Научниците од германско-нордиската школа во многу книги зборот Македонец го преименувале во „Словен“. Потврда за тоа се старите руски книги, во кои се пишува дека белиот народ таму дошол токму од македонските простори. И македонскиот преродбеник Пулевски во големата Славјанско-македонска општа историја напишал дека доселувањето на Словените всушност било враќање на раселените од времињата на Македонско-римските војни.
продолжува
М-р Никола Ристевски
(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)