• Борче Димовски и Симеон Шутев први почнаа да ја испишуваат олимписката борачка историја. Минувајќи по тежок и неизвесен пат, нивните следбеници стигнаа и до олимписко злато, сребро и бронза

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (362) Од историјата на борачкиот спорт (4)

Со оглед на тоа што борењето е нашиот најтрофеен спорт, во кој освоивме дури и златен олимписки медал (оној на Шабан Трстена во 1984 година), мислам дека е добро малку да се потсетиме на асовите во борачкиот спорт за кои, заборавајќи го Видиниќ, долго време велевме дека тие се првите Македонци учесници на најголемиот светски спортски собир.
Во периодот кога борењето земаше замав во Македонија, најекспонирани беа Борче Димовски и Симеон Шутев. Тие беа и нашите олимписки кандидати за Мексико во 1968 година, но за да стигнат дотаму требаше да ја исполнат олимписката норма. Среќна околност беше што токму таа година на три месеци пред олимпискиот собир, во Скопје се одржа Европското првенство на кое за исполнување на нормата требаше да се пласираат меѓу првите петмина во своите категории. Потпомогнати од публиката, двајцата ја остварија целта, Шутев беше четврти, а Димовски петти. Со овие пласмани практично тие го визираа пасошот за ОИ во Мексико.
Интересно е да видиме каков беше нивниот пат до остварување на олимпискиот сон.

Гимназијата „Цветан Димов“ и Соколана – средиште на спортот и на културата

Борче Димовски, кој првите чекори ги направи во тогаш единствениот борачки клуб во главниот град, Вардар, беше еден од пионерите во борењето во Скопје, заедно со дотогашните пеливани Тефик Демири и Рамадан Сали, кои по препорака на Ристо Таков и на Бојан Рангелов се трансформираа во борачи во слободен стил. Димовски како младинец веќе ги покажа своите квалитети и најави дека му претстои убава иднина. Интересно е да кажам дека првите организирани тренинзи во борење се одржуваа во салата на ДТВ „Партизан 1“ или популарно наречена Соколана. Таа беше лоцирана кај Адвокатската улица, спроти тогашната гимназија „Цветан Димов“, од која излегоа голем број познати спортисти, меѓу кои браќата Божиновски, фудбалер и одбојкар, Књазев, кошаркар, Дојчиновски, фудбалер, Пеев, ракометар, Цветановски, одбојкар, Трифуновски, одбојкар, и многу други. Но, низ истата гимназија поминаа и многу познати имиња од светот на уметноста, особено естрадата, филмот и литературата, како Зафир Хаџиманов, Коле Ангеловски и Владо Ангеловски-Дади, Зоран Георгиев, поетесата Гордана Михаилова-Бошнакоска, актерката Катерина Крстева, позната како Мара Попара. Со еден збор, Соколаната и гимназијата беа средиште на спортот и на културата.
Во една таква атмосфера, загреан за спортот, кој беше во развој, а веќе имаше резултати, Димовски со сиот младешки елан не се одделуваше од душеците што беа поставени во еден агол од салата. Живееше за борењето и за олимписката 1968 година. Дојде и долгоочекуваниот момент, па со тогашната експедиција на поранешна Југославија, заедно со Симеон Шутев, отпатува на големиот спортски настан. За жал, и на оваа Олимпијада, како и на претходната во Токио во 1964 година, немаше ниту еден новинар од Македонија за да го обележи овој прв олимписки настап на нашите борачи. Кога подоцна разговарав со Димовски, кој патем да кажам дека ми стана и кум, открив многу работи што беа интересни. Нему и многу подоцна, кога се навраќаше на тие олимписки денови, гласот му трепереше како тоа да се случило вчера. Најинтересен ми беше кога ќе речеше: „Едноставно не знаев каде се наоѓам, не верував дека токму мене ми се случува да учествувам на олимпијада“. Но, и покрај неговото неверување, сепак, тоа беше вистина, учествуваше на олимпијада и се натпреваруваше во категоријата на борачи до 52 килограми.
Меѓутоа, Димовски, како и многу други спортисти, кога ќе „одлетаат“ далеку од својот крај, имаше проблеми со аклиматизацијата. Тој тешко се адаптира на средината и настапи со покачена температура, па, така, неговиот олимписки од заврши во третото коло. Тој на стартот загуби на поени од Американецот со мексиканско потекло, Андерес, кој на крајот го освои сребрениот медал.
Димовски во второто коло беше слободен, па, така, имаше барем мала шанса да закрепне и да ја спушти температурата. Но, времето помеѓу првото и третото коло не беше доволно да ја врати силата пред вториот настап, во кој го очекуваше шампионот на Индија, Кумар. Во неизвесна и жестока борба нашиот репрезентативец загуби само со еден поен разлика и мораше да се прости од натамошните борби. На крајот, според поените од двата настапа, во конкуренција на 23 борачи тој се пласира на 14-то место.
Инаку, Димовски, до смртта (летото во 2014 година), со својата сопруга Оле живееше скромно во Германија, во гратчето Хаслах сместено во Шварцвалд. Таму еден период се бореше, а потоа многу години беше тренер во локалниот клуб.
– На младите борачи од Хаслах им причинуваше големо задоволство што јас, како нивни тренер, сум бил учесник и на една олимпијада. Тие ме гледаа со голем респект и не испуштаа ниту еден тренинг. Доколку, пак, некогаш се случеше, дури и од оправдани причини, да не присуствуваат на тренингот, се чувствуваа како да ме изневериле. Толку беше голема почитта кај тие момчиња кон мене и моето спортско минато – ми раскажуваше Борче при една средба токму кај него во Хаслах, кога бев на пропатување од Цирих за Берлин, каде што ги коментирав митинзите од тогашната атлетска „златна лига“.

Почеток на штипската борачка експанзија

Симеон Шутев, пак, кој се бореше во категоријата до 57 килограми, слично како Димовски имаше два настапа, за на крајот во конкуренција на 24 борачи да се пласира на 1-то место. И кај него неискуството од вакви настапи на големата сцена беше решавачко. Во првото коло беше поразен на поени со 3-1 од Турчинот Окан Текташ, а во второто загуби од Бугаринот Иван Шавов, исто така на поени со 4-0. Олимпијадата беше преголем залак за момчето што од салата во Домот на пожарникарите во Штип наеднаш се најде на олимпискиот душек. Шутев и покрај двата пораза на поени, во олимпискиот пекол покажа квалитет и знаење и не случајно беше предводник на една генерација во која како најголем талент се сметаше Добре Маринков. Така, благодарение на него и на неговиот олимписки настап, борењето стана уште поголема провокација на и онака загреаните млади штипјани за овој спорт. Во градот под Исарот уште повеќе почна да се чувствува духот на борењето и тоа стана составен дел од животот на младите. Така, Штип стана препознатлив во спортот, не само по фудбалскиот клуб Брегалница, кој е синоним на градот, туку и по борачкиот клуб Балканец. Шутев долго време работеше како тренер во матичниот клуб и им ги пренесуваше своите искуства на помладите. Тие, пак, беа среќни што ги учи еден од првите македонски олимпијци.
Средбите со него и за мене беа интересни и секогаш ќе слушнев понекое сеќавање од Олимпијадата во Мексико. Тој, на пример, со одушевување зборуваше за неочекуваната средба во Олимпиското село со првата sвезда на Игрите, Американецот Боб Бимон. „Бев во друштво со него само неколку минути, но и тоа беше доволно да бидам презадоволен и среќен. Американецот само два дена пред средбата го шокира светот со оној скок во далечина од 8 метри и 90 сантиметри, кој долго време беше напаѓан, за дури по 23 години, по историскиот дуел помеѓу Пауел и Луис на Светското првенство во Токио, конечно да биде надминат. Средбата со Бимон беше многу возбудлива, дури и неверојатна“.
Оттогаш кога ќе се сретневме на боречките приредби, секогаш ми зборуваше за таа средба, за жал покојниот Симеон Шутев. Во спортскиот ешалон на поранешна Југославија, Димовски и Шутев другаруваа со асови од калибарот на Церар, кој и во Мексико триумфира во гимнастика во својата дисциплина коњ со рачки, потоа борачот Хорват, кој беше втор во грчко-римски стил, кошаркарите, кои беа втори, а меѓу нив беше и легендарниот Радивое Кораќ, ватерполистите, кои триумфираа, а во составот беа славните имиња Сандиќ, Јанковиќ, Трумбиќ, Боначиќ, Стипаниќ и Лопатни. Меѓу резервите беше еден од најуспешните светски ватерполо-тренери, Ратко Рудиќ. Има многу спомени и сеќавања на нашите први борачки олимпијци поврзани со настапот во Мексико. За жал, со мали исклучоци, само во книгата на Петар Алексовски-Пепо посветена на нашите спортски асови и во монографијата на МОК, на друго место не се запишани моментите поврзани со олимпиското деби на нашите борачи. Еве, барем преку овие редови и моите сеќавања првите олимписки дуели ќе останат да сведочат за едно време и да бидат дел од историјата на една земја.
Овој олимписки настап беше стимул за сите млади но квалитетни борачи во Македонија да тежнеат еден ден и тие да ја почувствуваат олимписката атмосфера. Во тоа подоцна некои успеаја, други не, но факт е оти иницијалната каписла беше запалена и кога почнуваа со борење, сите со погледите беа свртени кон големите настани, особено олимпијадите, зашто тука ја бараа големата шанса за сопствена афирмација.
За многу други интересни моменти, кои ја создадоа убавата боречка приказна, ќе читате идната недела.