Претставата „Хинкеман“, во режија и адаптација на Тамара Стојаноска, а во продукција на независниот театар „Златен Елец“, во копродукција со фестивалот МОТ од Скопје, беше дел од „Сараево театар шоукејс“ во Сараево, Босна и Херцеговина.
Селекцијата на претставите беше спроведена од независен селекциски комитет, составен од Бека Вучо и Улрича Џонсон, во соработка со Андреј Носов. Комитетот ги разгледуваше кандидатурите пристигнати преку отворени повици, со акцент на оригиналноста, уметничката кохерентност, продукциската подготвеност и регионалниот и меѓународен потенцијал на претставите.

„Хинкеман“ е работена според антивоената и експресионистичка драма на Ернст Толер, чија најголема инспирација биле актуелниот историски контекст и времето во кое создава. Текстот се обидува да ја пренесе духовната ситуација на народот и истовремено бара правда и подобра иднина, со цел да се исправи кривата слика на тогашното општество. Во текстот на Толер се препознаваме и денес, а со тоа треба да се запрашаме дали воопшто нешто се менува во длабочината на човечкото однесување. Овој текст е своевидно истражување на бруталните сили што управуваат со нашиот свет – војните, социјалните неправди и немилосрдните системи на економска моќ што ја ловат работничката класа. „Хинкеман“ е како огледало на нашето општество изградено на суровост, пари и предрасуди, а оние што се различни на кој било начин, секогаш, во кој било историски контекст се исмевани или отфрлени од толпата.

Во „Хинкеман“ играат: Бобан Алексоски, Надица Петрова, Филип Христовски, Ане Блажовски, Леонида Гулевска, Бранко Михајловски, Дритон Вејсели и Талија Настова. Музиката е на Лука Тошев, а рекламниот материјал е на Бојана Цилевска.
Истата претстава ќе се изведе вечерва во Драмскиот театар во Скопје, со почеток од 20 часот.